Дидактичките материјали кои се во употреба, ќе бидат во употреба сѐ додека Бирото за развој на образование не рече дека веќе не се погодни, а албанската азбука, која ја одобри поранешниот министер Јетон Шеќири е помошен материјал и нема пречки и понатаму да се користи, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа одговараше на новинарско прашање во врска со обвинувањата од ДУИ дека е донесен закон со кој албанската азбука не може да се употребува во училиштата.
Министерката Јаневска рече дека дидактичките материјали остануваат во употреба и дека во моментот нема план да се донесе нова поинаква одлука.
– Ниту еден закон не важи ретроактивно. Тоа ДУИ би требало многу добро да го знае, бидејќи има 20 годишно искуство. Дидактичките материјали кои се во употреба, ќе бидат во употреба сѐдодека Бирото за развој на образование не рече дека веќе не се погодни. Министерот Јетон Шаќири заедно со Бирото за развој на образованието ја одобриле албанската азбука како помошен материјал. Тоа не е учебник. Надвор од оваа земја не знам што е. Во оваа земја е помошен материјал и нема пречки и понатаму да се користи – изјави Јаневска.
Таа денеска беше во тетово, во посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“.
Вчера ДУИ во соопштение го осуди усвојувањето на законот во Собранието, предложен од Министерството за образование, со кој сметаат дека „се забранува употребата на Националниот буквар – значаен симбол на албанскиот јазик и идентитет, кој го користат сите Албанци низ светот“.
На новинарско прашање во врска со капиталните инвестиции во училиштата, Јаневска посочи дека во 2025 година влегуваат со големи капитални објекти.
– За тие капитални објекти ќе ни бидат неопходни многу пари. Поради тоа, МОН и Владата побаравме продолжување на кредит кој веќе го имаме од Светска банка. Како ќе бидат одобрувани кредитите, така ние ќе инвестираме. Планираме многу да ивестираме, насекаде во државата и особено многу во регионалните центри, во целодневната и во едносменската настава. Тоа е предуслов за да го подобриме квалитетот на образованието во државата – додаде Јаневска.