Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги поздрави достигнувањата на самитот на Г7, на кој таа беше домаќин и ги отфрли извештаите за спорот околу правата на абортусот како измислени.
Мелони зборуваше на крајот од самитот што се одржа од 13 до 15 јуни во јужна Италија и кој беше фокусиран на договорот за обезбедување дополнителен заем од 50 милијарди долари за Украина, како и строго предупредување до Кина за потребата од фер конкуренција во бизнисот.
Мелони, која ја предводи десничарската коалиција, негираше дека ослабнала посветеноста на Г7 за правата на абортус или за поддршката за ЛГБТК заедницата, што беше истакнато во завршната изјава на минатогодишниот самит на Г7 во Јапонија.
Италијанската премиерка рече дека нема назадување за двете од овие прашања и дека претходната позиција усвоена од Г7 нема потреба да се повторува од збор до збор.
– Искрено верувам дека контроверзноста е целосно измислена – рече таа на прес-конференција, одговарајќи за прашањата за абортусот и разликите по ова прашање со другите земји од Г7.
– Тоа е всушност контроверзност што не се случи на самитот, таа не одигра улога во нашите дискусии само затоа што немаше причина да се разговара за тоа – додаде Мелони.
Италијанската премиерка ја изрази и својата гордост поради историскиот настап на папата Франциско на самитот на Г7 во петокот, кој во петокот зборуваше за ризиците и придобивките од вештачката интелигенција.
Мелони беше исклучок меѓу лидерите на Г7 со нејзиниот успех на изборите за Европскиот парламент минатиот викенд, додека сите нејзини машки колеги се борат со внатрешните политички притисоци во нивните земји.
– Мислам дека можеме да кажеме, без страв од контрадикторност, дека тоа беше успех – рече Мелони за самитот, кој се одржа во луксузен хотел во јужниот италијански регион Апулија.
Џорџа Мелони доби топли пофални зборови од британскиот премиер Риши Сунак.
– Џорџа е фантастична и заслужува огромни пофалби за исклучително успешниот самит на Г7 – изјави Сунак.