Неодамна НАСА објави дека вселенскиот телескоп Џејмс Веб открил јаглерод диоксид на една од месечините на Јупитер наречена Европа. Ако е точно дека во „хаотичниот терен“ Тара Реџо има од овој гас тоа може да значи дека на овој природен сателит кој кружи околу Јупитер постои и живот. Или барем во неговиот океан обвиен со мраз на површината, океан за кој знаеме со сигурност дека постои.
Јаглеродот е основа на животот на Земјата. Растенијата вдишуваат јаглерод диоксид и испуштаат кислород од кој живеат животните. Самите животни се хранат со растенија или други животни – што значи повторно со јаглерод.
Јагледородот исто така е четвртиот најзастапен елемент во универзумот.
Месечината Европа ја открил Галилео Галилеј уште во јануари 1610 година со својот домашен телескоп. Денес, нејзината површина веќе ја имаат испитувано неколку роботски вселенски летала. Меѓу нив е и сондата Галилео која орбитираше околу Јупитер од 1995 до 2003 година.
Најновата сонда се очекува да пристигне во орбитата на Јупитер во јули 2031 година. Таа се вика „Џус“ (JUICE) и беше лансирана во април годинава од страна на ЕСА – Европската вселенска агенција. „Џус“ треба да пронајде некои од елементите неопходни за живот.
Се смета дека океанот е заштитен со ледена обвивка и има доволно топлина за да може да одржи живот. Исто така, океанот има своја плима и осека. Нив ги предизвикува гравитацијата од големата планета Јупитер околу која кружи месечината Европа. Плимата и осеката би можеле да ја распределуваат храната низ водата за животните кои би живееле таму.
Но, за да се осигураме дека живот навистина постои ни треба поцврст доказ од присуството на хемиски елементи. Затоа НАСА разви концепт за сонда која ќе се спушти на самиот мраз со кој е покриен океанот. Тој ќе може да копне шест сантиметри во ледената кора и да земе примерок.
А постои и уште подобра идеја. Тоа е самата сонда да направи бушотина низ ледена кора и да нурне во океанот мала подморница – едвај поголема од две лименки за сок. Подморницата би била поврзана со оптички кабел со сондата за да ѝ праќа фотографии и снимки, но и за да прима команди. Овој кнцепт бил развиен уште во 2013 година од тим на шведскиот универзитет во Упсала и Лабораторијата за млазен погон на НАСА.
Мисијата Европа Лендер, особено со потопна компонента, веројатно ќе биде не само тешка и сложена, туку и скапа. САД се соочуваат со огромен национален долг, а пренасочуваат пари и за да испратат астронаути на Месечината, па и на Марс. Ова ги комплицира работите околу остварувањето на мисијата за Европа – иако таа може да биде првата мисија која навистина ќе пронајде живот отаде Земјата.