Почна ископот и транспортот на материјал кој ќе се користи за автопатот Гостивар-Тетово и активни се 300 машини. Склучивме 350 договори за подизведувачи од кои 70% се од Македонија. На овој дел од проектот работат околу 400 лица од кои половината се локални жители, а 11% се жени.
Ова го изјави денеска во Горна Бањица, одговорниот директор на проектот во конзорциумот „Бехтел и Енка“ Џошуа Бејкер, на средбата со техничкиот премиер Талат Џефери, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми кои беа на увид на текот на изградбата на автопатот.
Тие денеска треба да се сретнат и со жителите на селата Долна и Горна Бањица кои не дозволуваат да се гради камп за градежните работници на просторот на старите воени магацини за потребите на изградбата на автопатот од Коридорот 8.
Техничкиот премиер од локацијата во Горна Бањица рече дека станува збор за мегапроект кој се реализира во последните 30 години и чие завршување се очекува во 2027 година.
– Од денес па натаму, граѓаните ќе можат конкретно да ги видат активностите од спроведувањето на проектот. Изведувачот на работите не е непознат, имајќи предвид дека во регионот имаат реализирани вакви проекти, тоа е потврда дека навремено и квалитетно ќе ги завршат работите овде. Како Влада, ќе обезбедиме предуслови за работите да течат непречено – рече Џафери.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информира дека досега се усвоени урбанистички проекти за делницата Тетово – Гостивар и се работи на експропријација на имот за новиот автопат и дека се одобрени дел од трасата од Гостивар кон Букојчане и дел од трасата на делницата 4 на автопатот Прилеп – Битола, дел од Коридорот 10д.
Директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми, пак, направи паралела на стариот и новиот новиот модел на изградба на автопатиштата.
– Во овој момент паралелно се извршува експропријација, се проектира, се врши геомеханички испитувања и имаме и градежни работи. Овој е новиот модел на градба на автопатиштата каде што со овој нов модел ќе градиме по 23 километри автопатишта годишно, не со стариот модел што беше досега што градевме по 5,3 километри автопатишта – појасни Рустеми.
Договорот за изградба на автопатот од Коридорот 8 што го градат „Бехтел и Енка“, е потпишан пред една година.
Досега владата потроши 245 милиони евра колку што се планирани и за годинава. Во овој период јавноста дозна само дека конзорциумот работи на топографско и геотехничко истражување.