Тоа што двата министри од ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада не се појавија на заедничката фотографија не го загрижува новиот премиер на Македонија Талат Џафери, кој вели дека тие министри презеле законска обврска и дека работата на Владата „ќе биде суштинска заедно со нив“.
– Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања. Секој кој ќе постапи спротивно, се коси со законот. Во оваа држава има многу закони и прописи што треба да се спроведат – рече Џафери за министрите Панче Тошковски и Ѓоко Велковски.
Новиот премиер исто така се сликаше со Артан Груби и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. „Речено, сторено. Честитки до сите“, напиша Груби под објавената фотографија.
Првото обраќање на Џафери беше на албански, а потоа на македонски јазик. Првото интервју Џафери го дал пред двајца новинари, едниот од Косово, другиот од Албанија. Голем број на медиуми од Косово и Албанија денеска беа присутни и во зградата на Собранието, при што преку директни отворени студија ја пренесуваа сликата од изборот на првиот премиер Албанец во Македонија.
По паузата, на дополнителната 142. седница ги избра замениците министри и дополнителните заменици министри во новата техничка Влада. За дополнителен заменик министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ е избран Митко Бојмацалиев, а за заменик министерка во Министерството за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.