Пратеникот Талат Џафери ја нарече небулозна изјавата на Ивица Томовски, директор на служба за општи и заеднички работи, кој вчера за ТВ21 изнесе тврдење дека како претседател на Собранието Џафери во една прилика поради патување, побарал владиниот авион кој бил на сервисирање, веднаш да се склопи и да се донесе од Германија во Македонија.
Томовски рече дека Џафери се заканил дека ако авионот не биде подготвен, постои можност да се распадне тогашната коалиција СДСМ-ДУИ.
– Кој самиот себе ќе се стави во опасност да лета со несервисиран авион, а и да доведе во опасност и други луѓе? – вели Џафери во демантот.
Обвинението од Томовски е небулозно, за дневно-политички цели, додава поранешниот собраниски спикер, и нагласува дека тој самиот не ни требало да знае каде се наоѓа авионот, ниту пак инсистирал по секоја цена авионот да биде за него достапен.
– Најголемата небулоза е тоа што се тврди дека на мое барање, од наводни коалициски причини, е инсистирано по секоја цена авионот да се врати и да се користи. Кој е тој човек што ќе се стави најпрво себеси во опасност, знаејќи дека авионот не е во употреба, а потоа да ги изложи на ризик и сите други? Кој е тој пилот кој би се решил да изврши таква наредба, ако знае дека авионот не е подготвен за лет? – изјави Џафери.