Девизните резерви на крајот на март 2025 година изнесувале 4,788 милијарди евра што е намалување за 72 милиони евра во однос на февруари, покажуваат податоците на Народната банка.
Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (77,0%), по што следуваат монетарното злато (13,4%) и валутите и депозитите (9,6%).
Споредбата со февруари и јануари годинава покажува дека централната банка во последните два месеца го променила пласманот на резервите. Повеќе пласирала во хартии од вредност и монетарно злато, а помалку во депозити и во валути.
Така во февруари во хартии од вредност во февруари беа пласирани (76,2%) по што следуваат монетарното злато (12,5%) и валутите и депозитите (11,3%).
Во јануари во хартии од вредност беа пласирани 56,4% , во валути и во депозити 33,9% и во монетарното злато 9,6%.
Девизните резерви на крајот на февруари изнесуваа 4,861 милијарди евра и беа повисоки за 524 милиони евра во однос на јануари кога тие изнесуваа 4,337 милијарди евра.
Девизните резерви се средства веднаш достапни и расположливи за монетарната власт, во чија надлежност е и контролата врз нив. Служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар. Пред сѐ, за да се влијае врз девизниот курс, како и за други цели. Во суштина, основната функција им е да ја заштитат економијата од негативни надворешни шокови, за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и интервенции на девизниот пазар.