Со положување на цвеќе од страна на државниот врв и од Собраниската делегација, денеска ќе се одбележи деветнаесет-годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
Во Бутел во Скопје на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, како и делегација на кабинетот на Претседателот на Северна Македонија предводена од претседателот Стево Пендаровски.
Исто така, во Бутел цвеќе ќе положи и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија составена од Славица Грковска, заменик-претседател на Владата, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт. Потоа, делегација на АРМ предводена од Генерал мајор Азим Нуредини, заменик началник на Генералштаб, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.
На градските гробишта во Бутел цвеќе ќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, во состав Снежана Калеска-Ванчева и Тони Јаревски.
Во Струмица на споменикот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Борис Трајковски ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегација од Владата на Северна Македонија предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорот на Бирото за јавни набавки Борче Хаџиев.
Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи авионската несреќа, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе владина делегација во состав од Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија и претставници од кабинетот на претседателот на Северна Македонија Катерина Цаневска Арсовска, советник на Претседателот на Република Северна Македонија, Полковник Билјана Блажевска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.
Како што е најавено, во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.
Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.
фото: МИА