Ирак денеска прогласи тридневна жалост за жртвите од пожарот што избувна синоќа на свадбена веселба во градот Ал Хамданија на северот на земјата, во кој загинаа најмалку 114 лица, а околу 200 се повредени, пренесе ДПА.
Ирачкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека се уапсени девет работници во салата, а по четворица сопственици се издадени налози за апсење.
– Експертите за криминалистички докази и цивилната одбрана потврдија дека салата е изградена од многу запалив материјал „Екобонд“. Имаше и огномет што го предизвика инцидентот со пожарот, покрај недостигот на безбедносни услови – рече портпаролот на министерството Саад Маан.
Министерот за внатрешни работи Абдул Амир ал-Шамари денеска нареди да се формира комитет за да го истражи инцидентот за кој рече дека, според прелиминарниот извештај, „не е криминален“, туку е последица на недоволни безбедносни мерки.
Во моментот на пожарот во салата имало околу 1.000 луѓе. Пожарот предизвика уривање на салата, по што спасувачките екипи бараа преживеани под урнатините.