Командантот на руската подморница, кој беше убиен додека џогирал на 10 јули, бил потенцијално цел на напаѓач кој го следел на популарната апликација за трчање Strava, јавуваат руските медиуми.
Станислав Ржицки беше убиен од „непознато лице“ претходно оваа недела во јужниот руски град Краснодар, јави државната новинска агенција ТАСС, додавајќи дека „мотивот за злосторството се истражува“, пренесува Си-Ен-Ен.
Рускиот истражен комитет на Телеграм објави дека е приведен маж во врска со убиството, додавајќи дека осомничениот имал пиштол со пригушувач „со помош на кој најверојатно е извршено убиството“.
Руските медиуми претходно објавија дека убиецот на Ржицки можеби користел Strava, широко достапна апликација што ја користат тркачите и велосипедистите, за да ги следат неговите движења.
Неговите рути за трчање и возење велосипед се појавија на неговата корисничка сметка, а напаѓачот очигледно имал пристап и можел внимателно да ја испланира акцијата. Една од неговите редовни рути за џогирање го вклучува и паркот каде што беше убиен. Strava функционира како еден вид социјална мрежа, па корисниците можат да дозволат прегледување на нивниот профил, што го направи Ржитски.
Рускиот медиум Царград пишува дека напаѓачот „толку внимателно го испланирал убиството што моментот на нападот не се појавил на ниту една камера за надзор“.
Ржицки командувал со една од подморниците од класата „Кило“ на руската Црноморска флота, способна да истрела крстосувачки ракети „Калибр“, според украинското соопштение и руските медиуми.
Ракетните напади лансирани од подморници се одговорни за некои од најразорните напади врз украинските градови, вклучително и оној пред речиси точно една година врз централниот град Виниција, во кој загинаа десетици луѓе, меѓу кои и три деца.
Неговото семејство вели дека тој „на ниту еден начин не учествувал“ во војната против Украина и дека побарал да ги напушти руските вооружени сили во 2021 година.