Германската полиција уапси осуммина осомничени членови на десничарска милитантна група, која се води од расистичка идеологија и теории на заговор, и која се подготвувала за вооружен бунт чија цел била соборување на модерната германска држава, соопшти германското обвинителство. Осомничените се членови на организацијата наречена „Saechsische Separatisten“ или Саксонски сепаратисти, основана во ноември 2020 година, се вели во соопштението на Федералното обвинителство.
Станува збор за милитантна група од 15 до 20 луѓе, чија идеологија се карактеризира со расистички, антисемитски и делумно апокалиптични идеи. Членовите на оваа група се убедени дека германското општество е на работ на колапс, верувајќи дека ќе има пад на владата и општеството на неодреден „Ден Х“. Во овој поглед, групата ги обучуваше своите членови за употреба на сила со цел да се воспостави нов систем во источниот дел на земјата, инспириран од националсоцијализмот.
Доколку е потребно, несаканите групи на население треба да бидат отстранети од областа преку етничко чистење“, се вели во соопштението на обвинителството.
Меѓу уапсените се четири лица осомничени дека се основачи на групата, идентификувани како Јоерг С., Јоерн С., Карл К. и Норман Т. Седум осомничени беа уапсени во и околу источните градови Лајпциг, Дрезден и Мајсен, додека еден е приведен на границата со полскиот град Згорзелец, јавува Ројтерс.