Денеска во 18 часот пред Владата ќе се одржи нов протест за брзо разрешување на скандалот кој ја тресе скопската Клиника за онкологија во врска со препродажба на лекови за хемотерапија.
Организаторите во соопштение до јавноста го повторија рокот од една недела за Обвинителството да излезе со повеќе детали за случајот и да отвори истрага за злоупотребите на Клиниката за онкологија.
Неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“ наведува шест барања кои ќе ги презентираат на протестот:
„Прво, ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела. Второ, истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев. Трето, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија. Четврто, целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија. Петто, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија. Шесто, вклучување на онколошки пациенти кои ќе имаат увид во самата истрага. Воедно, апелираме сите онколошки пациенти да нѐ контактираат за нивните искуства, за да придонесеме во целосно разоткривање и одговорност на сите инволрвирани во скандалозното работење на Клиниката за онкологија“, се вели во најавата за протестот.
Денеска во 19 часот пред Јавното обвинителство ќе протестира помала група онколошки пациенти кои по откривањето на скандалот протестираат секој ден и бараат одговори за тоа кои лекови ги примале пациентите откако се појавија сериозни обвинувања дека наместо хемотерапија која се препродавала, некои пациенти добивале само физиолошки раствор.
Истрагата треба да открие и на име на колку починати пациенти се набавувала онколошка терапија и каде завршувала таа, односно кој профитирал од таа продажба на лековите кои ги набавува државата.
Поддршка за протестот пристигна и од партијата Левица која смета дека праведна разрешница е неопходна во конкретниот случај, но и можна единствено преку искажување на револтот на граѓаните и создавање притисок на институциите, кои, како што велат, изминативе години немаат слух за барањата на народот.
„За криминалот на Клиниката, кој непосредно резултирал со згаснување на животите на нашите најблиски, потребно е сите инволвирани да се најдат пред обвинителна клупа и да ја сносат одговорноста за своите постапки“, додаваат од Левица.
И портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што поминаа 10 дена од случајот „Онкологија“ и нема ништо официјално од истрагата, истакна дека поминаа 10 дена од случајот „Онкологија“, ЈО има обврска да излезе во јавноста и да сподели сознанија.
– Иако Онкологија ја тресе јавноста и е прашање од јавен интерес, по цели 10 дена ЈО не излегува во јавноста да соопшти детали со кои сепак нема да го сруши предметот. И по 10 дена истите доктори, истиот персонал работат делуваат на клиниката. Истите партии кои што поставуваат директори на таа клиника се уште се на власт и со тоа може да влијаат на истрагата. И со сето тоа го рушат кредибилитетот на клиниката, се руши кредибилитетот на докторите во целост, се руши довербата кај јавноста и кон здравството и кон институциите и кон државата. Заради ова ЈО има обврска да излезе во јавноста и да сподели сознанија од оваа истрага – нагласи Стоилковски.
На првиот протест кој се одржа пред една недела, беше поставен истиот ултиматум до властите, за една недела да излезат со информации за случувањата на Онкологија, нешто што не се случи.