Денот на младите со фокус на младинското волонтирање и зелениот активизам, денеска и утре ќе биде одбележан во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Настанот е организиран од Волонтерски центар и Гоу Грин, а поддржан од Општина Кисела Вода, Националната агенција за образовни програми и мобилност ЕУ-хаус Скопје.
Овој настан има за цел да ги афирмира младите, да ѝ даде простор на заедницата и особено на младите за идеи, разговори и размислувања за создавање подобра и поодржлива иднина.
– Настанот ќе биде еколошки, со струја што сами си ја произведуваме со возење велосипеди, без отпад и со свежи пијалоци направени од волонтерите – велат организаторите.
На настанот, двата дена ќе има изложба од млади уметници, како и фотоизложба за волонтеризам и еко-активизам. Забавниот дел ќе биде покриен од млади бендови и артисти. Утревечер ќе има и кино на точак, ќе се прикажуваат филмови на тема волонтеризам и екоактивизам. Исто така, младите ќе имаат можност преку инфо-точките на ЕУ и Националната агенција да се запознаат поблиску со програмите и активностите што се нудат за младите.