Десетици илјади демонстранти се собраа во Тел Авив и други градови низ Израел за да изразат противење на контроверзниот план на премиерот Бенјамин Нетанјаху за реформи во судството.
Масовни протести се одржаа 16-та по ред сабота, пред 75-годишнината од основањето на еврејската држава.
Оваа година празникот беше во сенка на една од најголемите кризи во историјата на Израел.
Планот на владата на Нетанјаху за слабеење на Врховниот суд ги налути Израелците, кои го сметаат за напад на владиниот систем на контроли и рамнотежа и закана за демократијата.
Демонстрантите носеа транспаренти на кои на фотографијата на Нетанјаху наместо „премиер“ пишуваше „Криминал министер“.
Протестите ги парализираа израелските градови во март, па Нетанјаху беше принуден да го одложи спроведувањето на реформскиот план со надеж дека ќе најде компромис.
Противниците, сепак, не се откажаа од протестот и бараат планот воопшто да не се спроведува.
Доколку се усвои реформата во судството, тоа ќе му овозможи на Нетанјаху, кому му се суди за корупција, и неговите партнери во коалицијата да го имаат последниот збор при назначувањето на судиите.
Парламентот (Кнесет), контролиран од неговите сојузници, ќе има моќ да ги поништи одлуките на Врховниот суд и да ја ограничи неговата способност да разгледува закони.
Американскиот претседател Џозеф Бајден, лидерот на клучниот сојузник на Израел, јавно го критикуваше Нетанјаху за планот за реформи, велејќи дека „не може да продолжи по овој пат“.