Демократската унија за интеграција најостро го осудува поминувањето на понатамошна фаза на предлог-законот за измени во средното образование, кој наметнува моноетнички решенија и го нарушува духот на меѓуетничкиот соживот, соопшти партијата.
„Овој закон е чекор назад и неприфатлив за една мултиетничка држава како што е Северна Македонија. Уште посрамно е однесувањето на коалицијата Вреди. Со тоа што не гласаа, тие молчеа и практично дадоа поддршка за овој закон. Помеѓу стравот од гневот на народот кој толку многу го понижија и стравот од нивните патрони од ВМРО-ДПМНЕ, тие останаа парализирани“, соопшти ДУИ.
ДУИ ги поддржува активностите на фронтот за блокирање на овој закон, се додава во соопштението.
„Албанците не можат да прифатат одлуки кои ги заобиколуваат нив. Решението мора да биде сеопфатно и праведно за сите“, додава ДУИ.
Со предложениот закон за средното образование, се предвидува интонирање на македонската химна на значајни настани и датуми.
Во предложениот закон средното образование се дефинира како институционално, кадровски и содржински организирано, овозможувајќи образование за сите ученици во средното образование, вклучително и за деца со странско државјанство или деца без државјанство, формирање на инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост. Се воведува кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование. Со новиот закон се воведува и нова концепција за испити на крајот на средното образование.