Бугарска делегација предводена од министерот за внатрешни работи Иван Демирџиев положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев денеска, на одбележувањето во црквата „Свети Спас“. Во делегацијата се и министерот за здравство на Бугарија, Асен Меџидиев и заменик-министерот за внатрешни работи Венцислав Катинов.
– Задоволен сум од организацијата на настанот и чест ми е што сум тука со бугарската делегација за да му оддадам почит на великанот Гоце Делчев. Нема причина за провокации. Ние треба да одиме напред, а тоа е обединета Европа, тоа налага стабилност. Ние сме должни да изградиме сигурност и стабилност меѓу народите на двете држави. Ние не дојдовме овде да правиме провокации, туку да покажеме почит, соседи сме и добрососедството треба да продолжи. Се надевам дека на сите бугарски државјани кои тргнааа кон Скопје ќе им биде овозможено да дојдат во црквата „Свети Спас“ – рече Демирџиев.
Тој изрази жалење што тие неколку часа стотина Бугари чекале на граничниот премин Деве Баир затоа што „снемало струја“ и рече дека во понеделник ќе донираат три агрегатори за струја, за повторно да не се случат такви проблеми.
Демирџиев лично ги замолил Костадин Костадинов и Ангел Џамбаски денеска да не го посетат Скопје, за, како што рече, да се избегнат конфликти и изрази задоволство што тие го послушале.