Делчевката Мира Симоновски на возраст од 74 години се искачи на врвот Ухуру висок 5.895 метри, кој се наоѓа на планинскиот масив Килиманџаро во Африка. Симоновски беше дел од експедицијата на Клубот за планински спортови АЗОТ.
Во 2020 година планинарката Симоновски, тогаш на 70-годишна возраст, се искачи на врвот Арарат на 5.137 метри надморска висина.
Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски денеска организираше прием за планинарката Симоновски и најави дека за овој голем подвиг ќе ѝ биде доделена плакета на Денот на ослободувањето на Делчево.
– Има само уште двајца луѓе во светот кои на нејзина возраст се искачиле на врвот Ухуру на Килиманџаро. Годишно околу 15.000 луѓе се обидуваат да го искачат тој врв, но успеваат само 40 отсто од нив. Честитки, Мира Симоновски, вие сте гордост за Делчево – рече Трајковски.
На приемот присуствуваа и директорите на општинските училиштата кои имаа можност да слушнат за огромното искуство на делчевскиот планинар, со цел да го пренесат нејзиното искуство на учениците.
– Се надевам дека ова ќе биде потстрек за многу наши ученици да се вклучат во планинарските здруженија и да продолжат по патот на нашата сограѓанка Мира Симоновски и во иднина да ги освојуваат светските планински врвови – додаде Трајковски.