Дел од учениците од петто одделение денеска, 29 мај, ги добија учебниците по Македонски јазик за учебната 2022/2023 година. Тие имаат уште 12 работни дена во училиште да учат од новите учебници, откако цела учебна година ја поминаа без соодветни материјали, пишува Република.
– Ќерка ми е петто одделение во училиште во општина Центар. Денеска си дојде дома со учебник по македонски јазик, книга која ја чекавме од 1 септември. Откако цела година им диктираа, им принтаа, печатевме и дома материјали, конечно, во период кога броиме денови до крај на школска година, учебниците стигнаа кај децата. Заминуваат на екскурзија пет дена, така што ќе имаат учебници последната недела од учебната година. Зошто воопшто за една недела трошеа пари да ги испечатат. Да се брои дека имало учебници?! Нека ги зачуваат за следната година – коментира мајка на ученик од петто одделение за порталот.
Дел од училиштата сè уште ги немаат добиено учебниците.