Астрономите открија многу ретка и екстремно високоенергетска честичка која паѓа на Земјата, а нејзиното потекло сè уште не е познато. Именуван по Аматерасу, божицата на Сонцето во јапонската митологија – претставува еден од најмоќните енергетски космички зраци досега откриени.
И покрај фактот дека неговото потекло сè уште е непознато, експертите веруваат дека само најмоќните космички настани можат да го произведат, пренесува РТС.
Професорот Џон Метјус од Универзитетот во Јута вели дека дури и суперновите (имплозии на ѕвезди) не се ни приближно доволно моќни за да предизвикаат формирање на такви честички.
„Потребни ви се огромни количини, исклучително моќни магнетни полиња, за да ја компресирате честичката додека се забрзува“, објаснува Метјуз.
Енергијата на честичката Аматерасу е поголема од 240 егза електрон волти (EeV), што е милион пати повеќе отколку што постигнуваат честичките во Големиот хадронски судирач.
Аматерасу е послаб по енергетско полнење само од честичката О-Мој-Боже, уште еден космички зрак со ултра висока енергија откриен во 1991 година на 320 ЕЕВ.
Професорот од Универзитетот во Осака, Тошихиро Фуџи, изјавил дека не можел да поверува кога првпат го забележал овој космички зрак.
„Мислев дека тоа е грешка, бидејќи тој покажува ниво на енергија без преседан во последните три децении“, рече Фуџи, а пренесува „Гардијан“.
Кога космичките зраци со ултра-висок енергетски полнеж ќе ја погодат атмосферата на Земјата, се создава цела каскада од секундарни честички и електромагнетно зрачење.
Некои од честичките патуваат побрзо од светлината, создавајќи вид на електромагнетно зрачење што може да се открие со специјализирани инструменти.
Еден од тие инструменти е во сопственост на опсерваторија во Јута, која ја открила честичката Аматерасу.
Мистериозниот настан се случил во Локалната празнина – празен простор од вселената што се граничи со Млечниот Пат.