Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, вели дека во овој момент не може да се оцени дали мостот „Беласица“ во Скопје е безбеден за употреба или не, и останува на неговиот став дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар.
– Во однос на мостот „Беласица“ и безбедноста за неговото користење досега имам повеќе пати излезено со изјави во јавноста. Мојот став дека има потреба од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е јасен. Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба. Имајќи го во предвид овој недостаток на информации не би можел да дадам подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не – рече Марковски во одговор на новинарско прашање на денешниот Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции”.
 
							 
								 
			

 
 
                                
                             
















 
		 
		 
		 
		 
		 
		







 
		 
		 
		 
		