Видинскиот митрополит Даниил беше избран за бугарски патријарх и митрополит софиски од делегатите на Патријаршискиот изборен црковен совет.
Новиот бугарски патријарх беше избран во вториот круг меѓу митрополитот врачки Григориј и митрополитот Видински Даниил.
За митрополитот Видински Даниил гласале 69 делегати, за Врачкиот митрополит Григориј 66, има три неважечки ливчиња.
„На 30.06.2024 година, во Академската сала на Бугарската академија на науките во Софија, се одржа Патријаршискиот изборен црковен собор за избор на нов Бугарски патријарх. Во 8:30 по Бугарско време започна првиот круг за избор на Бугарски Патријарх, при што во првиот круг Митрополитот Ловчански г. Гаврил освои 19 гласа, Митрополитот Видински Даниил освои 51 глас, а митрополитот Врачански Григориј освои 64 гласа. После тоа, откако беа подготвени ливчиња со имињата на двајцата кандидати за Патријаршискиот престол, Митрополитите Григориј и Даниил, се одржи вториот круг на гласање, при што за Митрополит Софиски и Патријарх Бугарски беше избран Видинскиот Митрополитот Даниил со 69 гласови, додека Врачанскиот Митрополит Григориј имаше 66 гласа“, информираат од БПЦ.
Кој е Даниил Видински?
Митрополитот Даниил роден е во 1972 година во Смолјан под името Атанас Николов. Завршил средно образование во родниот град, а во 1996 година запишува Англиска филологија на СУ „Св. Климент Охридски“. Веќе следната година се префрла на Богословскиот факултет. Од 1997 година е послушник во Хаџидимовскиот манастир „Св. Георги“, по две години станува монах и е ракоположен за јероѓакон.
Во 2004 година е испратен на послушание во Роженскиот манастир „Рождество Богородично“, каде што е ракоположен за јеромонах, а две години подоцна станува архимандрит. Во 2008 година по одлука на Светиот синод станува епископ во храмот „Св. Александар Невски“. Назначен е за викар последователно на Неврокопскиот митрополит Натанаил и митрополитот на САД, Канада и Австралија Јосиф. На 4 февруари 2018 година е избран за Видински митрополит.
Видинскиот митрополит Даниил бепе најмладиот (52 години) од тројцата кандидати. Малку по почетокот на конфликтот меѓу Русија и Украина, и откако Москва веќе ја објави Бугарија за непријателска држава, митрополитот Даниил, пак, беше меѓу луѓето кои реагираа исклучително остро по затворањето на Руската црква минатата година, изразувајќи јавно огорченост од одлуката претставникот, архимандрит Васиан и негови двајца духовници, да бидат избркани под сомнение за шпионажа.