More

    Дали враќањето на предметот Историја во шесто одделение може да предизвика политички проблеми?

    spot_img

    Еден експеримент на претходната владина гарнитура во 2020 година во Македонија предизвика бурни реакции. Поголем дел од јавноста не ја прифати замислата за изучувањето на предметот Историја во шесто одделение во основните училишта, чија цел, според тогашните објаснувања на образовните власти, беше да нè европеизира. Прв пат по воведувањето од времето на АСНОМ, предметот Историја исчезна. Проектот имаше сосема спротивен ефект, а последиците се чувствуваат и денес.

    Идејата на поранешната министерка за образование и наука Мила Царовска да ги спои предметите Историја, Географија и Граѓанско општество во еден предмет наречен Историја и општество, во шесто одделение, остави општа збунетост во образовниот систем. Се најавуваше и спојување на предметите Хемија и Биологија во еден предмет.

    Спојување на предметот Историја со други, како дел од тогашната Концепција за основното образование, беше разбрано и како потег по линија на помал отпор, или веднење на ‘рбетот под тогашниот политички притисок од Бугарија. Да не заборавиме дека во ноември истата година, Софија стави вето за почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, условувајќи го со внесување на бугарската етничка заедница во Преамбулата на Уставот.

    Меѓу другото, Софија беше незадоволна и од работата на Историската комисија, формирана уште со потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија на 1 август 2017 година. Комисијата требаше да ги реши спорните прашања меѓу двете земји поврзани со историјата и да ги стокми наративите за она што во Договорот беше именувано како „заедничка историја“ меѓу двете земји.

    Историјатаза кратко, замина во историјата

    Спорната Концепција за основно образование беше изгласана во февруари 2021 година и покрај крикот на речиси целата стручна и академска јавност и предупредувањата дека со тоа се разнишуваат бедемите на македонскиот идентитет, јазик и култура, а во корист на бугарската историографија.

    Пред гласањето во Собранието, министерката Царовска ја оправда Концепцијата повикувајќи се на финскиот модел како клучен аргумент:

    – Финскиот модел се создал како национален концепт, естонскиот модел се создал како национален концепт. Тоа укажува дека секоја земја, која се грижи за своите граѓани, инвестира и создава во нешто што одговара на најзините можности и потреби. Токму таков образовен систем создаваме сега. Користени се искуствата на сите држави кои имаат одлични резултати на меѓународните тестирања. Користени се и меѓународни искуства, за да се видат добрите и лошите страни. Но, да не заборавиме, користени се и наши искуства, како од програмата Кембриџ, така од деветолетката и други поекти. Дојдовме до овој концепт и можеме да кажеме дека со сопствени сили можеме ова да го спроведеме – изјави тогаш Царовска.

    На прес-конференција по повод 100 дена влада во декември 2021 година, Царовска рече дека идејата е учениците да се научат да ги поврзуваат фактите од разни области. Таа тогаш вети дека концептот ќе ѝ биде детално објаснет на јавноста.

    Нашиот „фински модел“ баш и не е фински – како го прават тоа Скандинавците?

    Но, дали во земјите на Европската унија, кон која се стремиме, предметите во основните училишта навистина се спојуваат како што тоа го замисли поранешната влада?

    Фактите покажуваат дека во најголемиот дел од земјите предметот Историја се изучува посебно и не е споен со друг предмет. Според фондот на часови, предметот Историја, кој во некои земји се нарекува и Национална историја, е многу повеќе ценет.

    Во спомнатата Финска, на пример, предметите Историја и Географија се посебни, додека предметот Социјални науки (Yhteiskuntaoppi), кој ги покрива општествените науки, вклучува елементи и од двата предмета, но и од други. Социјални науки доби статус на посебен предмет, но историјата и географијата продолжија да се изчуваат како посебни предмети.

    Сличен е случајот и со предметот Социјални науки (Samhällskunskap) во Шведска, како и со предметот Историја и општествени науки (Historie) во Данска.

    Меѓунаставната соработка е вообичаена во многу земји. Предметите се одделни, а „спојувањето“ е направено на друг начин, во облик на интердисциплинарната настава, каде што наставниците кои предаваат различни предмети соработуваат, дозволувајќи им на учениците да се вклучат во проекти кои покриваат повеќе наставни дисциплини. Во Германија, на пример, во пониското средно образование, постојат таканаречени интердисциплинарни лекции, кои вклучуваат содржини од предметите Историја, Географија и Економија – но, предметите се одделни.

    Во времето кога се правеше спојувањето на предметите во тогашната Концепција, реагираше и Македонско-финското здружение и ја демантираше министерката Царовска. Во нивното соопштение категорично се вели дека во Финска предметот Историја не е споен со други предмети.

    Новата влада сврте нов лист – предметот Историја се врати во шесто одделение

    Новата македонска влада одлучи да сврти лист и ја врати Историја како посебен предмет во шесто одделение. Единственото што ќе биде задржано од старата Концепција е подолгиот престој на учениците во училиште и воведените изборни предмети, согласно со афинитетите на учениците.

    Новата министерка Весна Јаневска најави дека ќе се разгледува и можноста за останување најмалку 6 часа во училиште, притоа со воведување константна прва смена, заради подобрување на компетенциите на учениците кои каскаат зад оние во Европа. Министерството за образование и наука (МОН) годинава ја стопира и Концепцијата за седмо, осмо и за деветтто одделение, а Бирото за развој на образованието, врз основа на ревизијата и забелешките на здруженијата на наставниците и на стручњаците, ќе ги подготви новите наставни програми и истите етапно во следните три години, година по година, почнувајќи од учебната 2025-2026 година, ќе се воведуваат во училиштата.

    Како ќе го уредиме образовниот систем е интерно прашање. Не е дозволиво некој од надвор да ни кажува што и како да учиме, особено не по предметот Историја.

    Весна ЈаневскаМинистерка за образование и наука

    Но, што со оние ученици кои веќе учеле по спорната интегрирана историја со географија во шесто одделение? Во интервју за Дојче Веле, Јаневска нагласи дека старата концепција не им била објаснета добро ниту на наставниците во училиштата, па постоел голем револт. Наставниците никогаш не добиле насоки за тоа како да предаваат, како да спроведуваат тестови и како да оценуваат.

    Министерката Јаневска вети дека сугестиите на наставниците ќе бидат дел од новите наставни програми, а најави и нова Национална образовна стратегија. Што се однесува до враќањето на предметот Историја како посебен, Јаневска за Плусинфо вели дека не очекува тоа да ни направи проблеми со соседите, а ни дома, во меѓуетничките односи.

    – Како ќе го уредиме образовниот систем е интерно прашање. Не е дозволиво некој од надвор да ни кажува што и како да учиме, особено не по предметот Историја. Не очекуваме оваа одлука да предизвика политички проблеми или пак нарушување на меѓуетнички односи. Враќањето на предметот Историјата беше барање на најголем дел од наставниците кои предаваат на сите наставни јазици – вели таа.

    Секој народ ја пишува сопствената историја, сето останато е – лудост

    Плусинфо разговараше и со неколку видни историчари на оваа тема. Нашите соговорници, освен што ја бранат насушната потреба историјата да се изучува како посебен предмет, па дури и како предмет под името Национална историја, одат дотаму што велат дека преговори со Бугарија преку Историска комисија во идеални услови не би требало воопшто да има.

    Овој радикален став доаѓа во време кога новата влада практично го смени најголемиот дел од членовите на Комисијата и најави нови, тврди, достојни преговори за спорните теми со нашиот источен сосед: историските личности како Гоце Делчев, цар Самуил или браќата Кирил и Методиј, за начинот на кој тие ќе бидат претставени во учебниците, но и за нивното заедничко чествување.

    За овие 80 години, македонската држава изнедрила доволно историчари кои ја истражувале историјата на македонскиот народ. Не може сега комисија од шест луѓе да оценува кои ќе бидат нашите национални херои.

    Тодор ЧепрегановИсторичар

    Познатиот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја и неговиот колега Ѓорѓи Чакарјаневски, се на ист став дека преговори преку Историска комисија се проблематични и во идеални услови не би требало да постојат.

    – Што има тука Бугарија да ни се меша во тоа како ќе го уредуваме нашето школство? Нека ни ја остават нашата историја на нас. Треба да се земат на одговорност сите оние кои го потпишаа Договорот за добрососедство, во кој пишува дека ималo некаква „заедничка историја“. Не, секој народ има сопствена историја, која ја пишуваат историчарите на таа држава. За овие 80 години, македонската држава изнедрила доволно историчари кои ја истражувале историјата на македонскиот народ. Не може сега комисија од шест луѓе да оценува кои ќе бидат нашите национални херои – вели професорот Чепреганов.

    Професорот потсетува на фактот дека дека во овој случај Македонија разговара со држава која фактички не ја признава.

    – Кој со кого разговара? Бугарин со Бугарин, или Македонец со Бугарин? – прашува Чепреганов и додава дека политичарите најмалку ја знаат историјата.

    Неговиот колега од Институтот, Ѓорѓи Чакарјаневски, е апсолутно против постоењето на Историска комисија со Бугарија, а вели дека дел од членовите треба да имаат доблест да го повлечат она што го потпишале за договорените личности, како за светите браќа Кирил и Методиј, за цар Самуил и за другите спорни личности.

    – Ако формирате Комисија, тоа значи дека имате проблем. И потоа, ајде да го решаваме проблемот. Но, македонската историографија нема проблем со она што низ долгите години било запишано во архивите по целиот свет. Ние многу лесно го предаваме предметот Историја. Никогаш, на пример, не сме рекле дека Кирил и Методиј се етнички Македонци, но факт е дека тие проникнале од македонска почва – нагласува Чакарјаневски.

    Тој смета дека ниту сега, со новите членови на Комисијата кои ги постави новата македонска влада, нема да се реши ништо, бидејќи секоја страна ќе си држи до своето.

    – Кога пред многу години имаше еуфорија за уписи на македонски студенти во Бугарија, бидејќи Софија ги отвори факултетите, кандидатите од Македонија полагаа бугарска историја. За да се запишеш на електротехнички факултет или на медицина, во приемниот испит имаше прашања од бугарската историја. А кај нас, одете на плоштад, прашајте некое помладо момче кој бил Панко Брашнаров, или што е АСНОМ, ќе видите дека не знае. Наша вина е тоа постепено затапување на Македонецот, за со него да раководат туѓи интереси – вели Чакарјаневски.

    Може ли да се избегне „етнизирањето“ на историјата?

    Професорот Марјан Трајковски од средното стручно училиште „Владо Тасевски“ во Скопје вели дека е страшно и небулозно да се преговара за сопствениот идентитет. Тој проблем, според него, самите го создаваме.

    – Да, разговори за економија, култура, спорт, да, но за вакво нешто, не. Се губи идентитетот. Бугарите ни велат „бидете Бугари“. Тоа е тоа. Историчарите не треба да бидат политичари. Тешко е да се каже што ќе направи новиот состав на Историската комисија. Преговарачите од бугарската страна, пак, имаат и друг проблем. На високи функции во Бугарија има личности кои се Бугари со македонско етничко потекло, па пробуваат да им ги најдат „корените“ – вели Трајковки.

    Историјата на македонскиот народ секогаш била крадена и ќе се краде. Ако самите се откажеме од сопствената историја, тогаш ќе биде крај.

    Марјан ТрајковскиПрофесор по историја во средното училишта „Владо Тасевски“ во Скопје

    На прашањето дали во учебниците по Историја може да се избегне „етнизирањето“ на спорните историски личности – бидејќи во Средниот век, во медијавелистиката, па и подоцна, етничката припадност не постои до 19 век, или во најмала рака е спорна тема –  Трајковски одговара:

    – Да, ама ако е така, тогаш за тоа треба да се согласат двете страни. За жал, само едната страна го прифаќа тоа. Бугарската страна сака да ја протне својата агенда. Ако не кажуваме која е етничката припадност на Гоце Делчев, ниту Бугарите не смеат да го напишат тоа во своите учебници. Бидете сигурни, Бугарија нема намера да се откаже од својата позиција и секогаш ќе имаме проблем.

    Бугарите се тие што имаат проблем со нас и со нашите историски личности, додава професорот Чепреганов и објаснува:

    – Македонските историчари веќе одамна утврдиле кои биле Гоце Делчев, цар Самуил, светите браќа Кирил и Методиј… Етничка припадност секако дека нема во Средниот век. Според македонската историографија, Кирил и Методиј се сесловенски просветители. Но, Бугарија беше прва која изгласа резолуција во својот парламент и им даде етнички признак на „бугарски просветители“, со што предизвика меѓународни реакции и чудења.

    Народ со илјадници години историја со 2 часа неделно во училиштата – малку или многу?

    Соговорниците на Плусинфо се согласни и за една друга работа – фондот на часови по предметот Истоија не е доволен. Професорот Трајковски вели дека во САД, на пример, предметот Историја е многу поприсутен во училиштата.

    – Во Америка децата имаат 5 часа неделно историја. А знаете дека САД имаат само неколку стотини години историја. Кај нас се учи само 2 часа неделно, со тенденција да биде само 1 час. Тука зборувам за средното образование. И велат дека и тоа е многу!? Народ што има илјадници години историја да има 1 час неделно во средните училишта, ете тоа било „многу“! Инаку, во основните училишта историјата мора да се изучува како посебен предмет од петто од осмо одделение. Во спротивно, кога ученикот ќе дојде кај мене, во средното училиште, нема да знае ништо – категоричен е Трајковски.

    Во повеќето европски земји, учениците изучуваат историја во просек 2 до 3 часа неделно. На тоа ниво се и земјите во регионот Западен Балкан, како и Македонија.

    Историчарите во Македонија со години бараат да се зголеми фондот на часови по предметот Историја во целиот образовен процес:

    – Многу пати друштвата на историчари реагираа да се зголеми бројот на часови во основното и во средното образование. Мислам дека нашите деца најмалку учат историја во Европа – вели Чепреганов.

    Кому бодат очи сесловенските просветители Кирил и Методиј?

    Прашањето за можните проблеми на меѓуетнички план стана горливо на почетокот на оваа учебна година, кога екс-министерот за образование и наука Јетон Шаќири реагираше на фотографијата од сесловенските просветители Кирил и Методиј на насловната страница на учебникот по Историја за седмо одделение, велејќи дека коалицијата Вреди, дел од новата влада, прифатила верски мотиви.

    „Дали се согласувате вашето дете утре да го започне часот со оваа корица? Слугите веројатно ќе го прават тоа, но родителите кои сакаат фер образование за своите деца треба добро да размислат. Потсетуваме дека оваа книга доаѓа откако како министер ја отстранив од употреба претходната книга, поради навредлива содржина. Што се однесува до содржината на книгата и за тоа ќе пишуваме. Вреди никој не ги прашува. Очекувано, прифаќаат сѐ што им сервираат господарите на наша штета. Бесрамно, вакво нешто ставаат во програмата“, напиша Шаќири на социјалните мрежи.

    Коментирајќи ја објавата на поранешниот министер, министерката Јаневска истакна дека тоа претставува ширење на етничка и верска нетрпеливост.

    – Светите Кирил и Методиј се копатрони на Европа, тие се основоположници на описменувањето на една третина од светот, учители во суштинското значење на зборот. Секој ученик, секој жител на оваа држава, треба да знае кои се Кирил и Методиј. Но, како одговор на она што го напишал министерот, на сликата се и Мурат Втори, Скендербег и други значајни личности од тоа време, кои живееле во периодот на Византија. Верската основа не може да биде причина за да се намали грандиозното дело на двајца светски познати луѓе – рече тогаш Јаневска и го повика Шаќири да ја повлече својата изјава.

    Македонија ионака веќе имаше многу маки со учебниците, но не само со содржината, туку и со нивното печатење. На 31 август Јаневска се пофали дека прв пат по седум години, годината започнува со навремено испорачани 360.000 примероци на учебници и наставни материјали во сите основни училишта во државата.

    Доста беше од грешки и скандали

    Историчарите, наставниците кои предаваат други предмети и родителите на учениците се надеваат дека кампањата на „покривање“ на образовниот процес со нови учебници нема да произведе скандалозни грешки како оние што беа откриени во последните неколку години. Сите се потсетуваме на небулозните грешки во учебникот Историја и општество за петто одделение, кој подоцна неколку пати беше враќан на ревизија. Патем речено, според Здружението на историчарите, предметот во петто одделение бил воведен на сметка на укинување на предметот Историја во шесто одделение.

    Во сопствена анализа на 30 страници, Здружението пронајде 60 грешки, за кои тврдеа дека не се само содржински, туку и методолошки и концепциски. На 22 декември 2022 година Здружението побара повлекување на учебникот за петто одделение, меѓудругото и со образложение дека пропустите ги надминувале законски предвидените 30%.

    На реакциите на Здружението се придружи и Институтот за историја при Филозофскиот факултет кој во соопштение појасни дека Концепцијата доаѓа во време кога „македонските историја, јазик и идентитет се безмислосно нападнати, па одлуката може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци“.

    Како и да е, спојувањето на предметот Историја со други предмети, скандалите во учебниците и жестоките реакции веќе се дел од историјата на нашиот образовен систем. Новата влада испишува нова „историја“, за која сите се надеваат дека ќе биде барем малку посветла од досегашната.

    Историјата се повторува, ама како фарса…

    Познатиот британски драматург и писател Џорџ Бернард Шо вели дека „ако историјата се повторува, а неочекуваното секогаш се случува, колку ли човек треба да биде неспособен за да не учи од искуството“.

    За Марк Твен историјата „никогаш не се повторува, но често се римува“.

    Писателот Џорџ Орвел, пак, го вели следното: „Тој што го контролира минатото, ја контролира и иднината, кој ја контролира сегашноста, го контролира и минатото“.

    Фридрих Хегел, пак, предупредува: „Историјата има тенденција да се повторува, првиот пат како трагедија, а потоа како фарса“.

    Со овој текст, Плусинфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img