Меѓународен панел на експерти во петокот започна да разговара за укинување на вонредната состојба во јавното здравство поради Ковид-19, а Светската здравствена организација (СЗО) се очекува да ја објави својата одлука најрано во понеделник, соопштија извори од телото со седиште во Женева.
На почетокот на состанокот, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека во изминатите осум недели се регистрирани повеќе од 170.000 смртни случаи.
„Реалната бројка е секако многу поголема“, рече тој, додавајќи дека ситуацијата во Кина се влошува.
„Укинувањето на ограничувањата во Кина доведе до нагло зголемување на смртните случаи во најнаселената земја во светот. Скоро 40.000 смртни случаи беа пријавени во СЗО минатата недела, повеќе од половина од нив од Кина.
Комитетот, чии размислувања треба да завршат најрано во петок навечер, потоа треба да ги пријави своите наоди до Тедрос, оставајќи му да одлучи за или против укинување на сегашната вонредна состојба.
Претходно оваа недела, Тедрос изрази загриженост поради постојаното зголемување на бројот на смртни случаи поврзани со Ковид.
Прогласувањето на вонредна состојба е највисокото ниво на тревога што СЗО може да го прогласи. Тоа го прави во случај на закани, така што владите и јавноста се предупредени и можат да се подготват.
Ниту прогласувањето, ниту укинувањето на вонредната состојба немаат непосредни последици. Секоја земја сама одлучува како да управува со кризата.