Најновото истражување открива дека пушењето сериозно го скратува животниот век, при што секоја испушена цигара им го намалува животот на мажите за 17 минути, а на жените за дури 22 минути. Ова се значително повисоки бројки од претходните проценки кои сугерираа загуба од 11 минути по цигара, објави британски Гардијан.
Истражувачите од „Јуниверзити колеџ“ (University College) во Лондон објавија дека штетата е кумулативна – колку порано пушачот ја остави оваа навика, толку повеќе животни години ќе добие. Анализата покажува дека ако пушач, кој консумира 10 цигари дневно, се откаже на 1 јануари, до 8 јануари ќе спречи губење на цел ден од животот.
До средината на февруари животот може да се продолжи за цела недела, а до август – за еден месец.
Студијата, нарачана од британското Министерство за здравство, заклучува дека пушачите не само што губат години од животот, туку и нивниот здравствен профил се влошува побрзо. Така, 60-годишен пушач има здравје на 70-годишен непушач.
Експертите апелираат – откажувањето од пушење на која било возраст носи значителни здравствени придобивки. Колку побргу се прекине оваа штетна навика, толку подолг и поздрав живот можат да очекуваат пушачите.