Дали ќе имаме проблеми со снабдувањето со струја и зголемување на цената во екот на грејната сезона? Од ЕСМ вчера соопштија дека се преземаат сите чекори за стабилно домашно производство на струја. Притоа информираа и дека најголемиот производствен капацитет РЕК Битола работи со сите три блока на мрежа, а резервите на јаглен изнесуваат околу 450.000 тони, со откриени доволни количини во рудниците за континуирано снабдување на термоелектраните.
ЕСМ не соопшти дали во текот на грејната сезона ќе има потреба од дополнителни количини јаглен кои ќе треба да се набават.
Енергетски експерти велат дека владата нема да дозволи во изборна година да има проблеми со снабдување со струја, па ако нема да ја произведеме дома ќе ја увеземе и ќе ја плаќаме од државниот буџет, односо од другиот џеб на граѓаните.
– Струја ќе има бидејќи ако не ја произведеме во најлош случај ќе ја увеземе, а по која цена ќе видиме следните месеци. Така се правеше тоа изминатите години, а во изборна година потребата да се обезбедат доволни количини е уште поголем. Секако дел од струјата ќе произведеме, ако се биде добро со РЕК Битола и нејзиното снабдување со јаглен – вели професорот Константин Димитров.
Според него, од тоа колку ќе се увезува струја по која цена и колкаво ќе биде домашното производство ќе зависи и дали ќе се зголеми цената на струјата во јануари.
– Притоа, ако сака владата тоа зголемување да биде помало ќе субвенционира, а тоа веќе е политичка одлука. Тука економските законитости немаат важност – вели тој.
И професорот Ристо Цицонков не очекува драстично зголемување на цената на струјата за граѓаните бидејќи увезениот дел на струјата ќе биде субвенциониран од владата, а компаниите кои веќе обезбедија сопствено производство од фотонапонски централи ќе одбегнат голем пораст на трошоците поради берзанските цени на струјата.
– Колкав ќе биде износот на субвенцијата ќе зависи колку струја ќе увеземе во текот на зимскиот период, чија цена според случувањата во светот и годинава ќе биде висока. Да се надеваме дека тој износ на субвенции ќе биде помал од лани кога само за увоз на струја државата издвои меѓу 200.000 и 300.000 евра, па граѓаните ќе имаат пониска цена на струјата, иако и она што го издвојува владата како субвенција е од џебот на граѓаните. Тоа може да се постигне и со поголемо производство на домашните капацитети. Термоелектраната во Битола е комплетирана со трите блока, но и покрај тоа може да се очекуваат застои таму бидејќи опремата е стара. Колку што имам сознанија, има резерви на јаглен за еден месец, што е добро, а како резерва стои и вклучувањето на ТЕЦ Неготино – вели Цицонков.
Според него, со оглед дека има светски тренд на зголемување на цените на енергенсите, поради неизвесни состојби како сегашните војни во Израел и Украина, може да се очекува поинтензивен раст на цените на енергенсите, а тоа бара и претпазливост на владите во однос на навремено обезбедување на резерви.
Познавачи на состојбите во РЕК Битола велат дека количините на јаглен кои се прикажуваат како резерва се доволни само за работа на трите блока во РЕК Битола за неполн месец, а со оглед на тоа дека нашиот јаглен е неквалитетен, за работа на блоковите ќе треба да се увезе поквалитетен јаглен за што нема најава дека ќе се купува.
Според одредени пресметки за дневно работење на трите блока се потребни меѓу 18.000 и 20.000 тони јаглен или потребите од јаглен за 6 месеци, колку што трае зимската сезона, се проценуваат на околу 3,5 милиони тони или годишно двојно повеќе – 7 милиони тони.
– Порано РЕК Битола не ја почнувала зимата без резерви од јаглен во износ од 500.000 до 600.000 тони. Сега велиме имаме резерва од 450.000 тони. Тоа е добрно, но се плашам да не не изненади дождот како лани кога беа поплавени рудниците и кога во екот на грејна сезона се обидовме да увеземе 900.000 тони од Грција и Косово, па после купувавме струја бидејќи навреме не ги средивме блоковите на термоелктраната – вели поранешен вработен во РЕК Битола.
Посечно годишно домашното производство на јаглен лигнит изнесува околу 400.000 тони.
ЕСМ неодамна распиша тендер за ископ на јаловина за РЕК Битола во износ од 24,94 милиони евра.
Според планот, пак, ТЕЦ Неготино годинава треба да набави мазут во вредност од 210 милиони евра. Но, оваа термоелектрана вообичаено е „ладна резерва“. Лани, поради енергетската криза и високата берзанска цена на струјата беше вклучена и за набавка на мазут за нејзината работа беа потрошени 85 милиони евра.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2022 година, вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува: 655 903 МWh електрична енергија, 32.744 мил. нм3 природен гас, 458 704 тони јаглен и 119 467 тони нафтени продукти.
Бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 97.7% во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 99.9% од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.
Според последните податоци за вкупната потрошувачка на енергенси во земјава – за 2022 година во земјава се произведува 37,9% од вкупно потребната енергија. Лани вкупните потреби од енергија изнесувале 2.746.673 toe.
Најголеми финални потрошувачи на енергија во 2022 година се: сообраќајот со 41,1%, домаќинствата со 263% и индустријата со 20,1%.
Поради војната во Израел и онаа во Украина и веќе се чувствува неизвесноста и раст на цените на енергенсите. Цената на нафтата речиси секојдневно расте, а се очекува и раст на цената на природниот гас и струјата.