Бугарското обвинителство води истрага за тоа како се ваделе бугарски пасоши за странски државјани меѓу кои и од Македонија, Косово и Молдавија.
Како што објавија бугарските медиуми повикувајќи се на Обвинителството, поранешниот градоначалник на селото Рилци кај Благоевград Живко Чукарски во текот на истрагата признал дека изготвил и потпишал 246 потврди за постојана адреса на живеење за македонски државјани, без тие всушност да бидат присутни во селото или да ги достават потребните документи за регистрација на адресата.
Тој ја признал вината и склучи спогодба со Окружното обвинителство во Благоевград за сторено документирано кривично дело поврзано со незаконско регистрирање на државјани од Македонија.
Според информациите, во селото Рилци од 2016 до 2019 година биле регистрирани повеќе од 4.000 македонски државјани. Истрагата покажува дека регистрациите биле вршени на непостоечки адреси.
Во соседното село Бело Поле регистрирани биле повеќе од 10.000 македонски граѓани, кои мештаните никогаш не ги виделе, јавуваат бугарските медиуми.
-Македонците биле ‘привилегирани’ при добивање на бугарски пасоши. Ангажирани биле преку 100 медијатори кои прибирале документи, обезбедувале фиктивни живеалишта и посредувале пред институциите, изјавил сведок за Бугарската национална телевизија БТВ.
Според него, Македонците плаќале по 1.000 евра за пасош, додека граѓаните на Косово до 5.000 евра по пасош.
-Лесно можете да станете Бугарин, ако се вработите или ако се основа претпријатие во Бугарија. Врз основа на трговските закони се добива статус на постојан претстој. Вториот начин е кога странските државјани на земји кои не се членки на ЕУ имаат фирми. И третата опција, која се користи најчесто е со издавање на документ за бугарско потекло – вели сведокот.
Бугарија и во 2018 година водеше истрага за издавањето на бугарско државјанство и пасоши. Тогаш беше објавено дека 22 државни службеници се приведени под сомневање дека издавале фалсификувани уверенија за бугарско потекло, што е еден од условите за добивање бугарско државјанство.
Беше покренато обвинение против тогашниот претседател на државната Агенција за Бугарите во странство и други службеници, дека земале мито за издавање бугарски пасоши на луѓе кои не исполнувале услови за тоа.
Две години подоцна, во 2020-та година, тогашната министерка за правда Десислава Ахладова, објави дека за десет години, од 2010-та до 2020-та речиси 80.000 македонски граѓани поднеле барање за државјанство врз основа на бугарско потекло.
Во 2023 година бугарското собрание расправаше за потребата од донесување закон со кој ќе се објавуваат сите имиња на странски државјани кои добиле бугарски пасош