Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ ќе го напушти Реал Мадрид на крајот на сезоната, објави шпански Релево.
Оттаму велат дека Кралскиот клуб размислува пред крајот на сезоната да објави дека капитенот на Хрватска заминува за да го добие заслуженото збогување.
Модриќ пристигна во Реал во 2012 година од Тотенхем за 35 милиони евра, а со текот на годините стана вистинска легенда на клубот. Со Кралскиот клуб освои дури 24 трофеи, а повеќе од него имаат само Марсело и Карим Бензема – 25.Сезонава за Реал тој одигра 27 натпревари на кои постигна еден гол со шест асистенции.
Враќање во Динамо?
Иако има 38 години, Модриќ со овој исход би можел да го исполни ветувањето дадено на навивачката група „Bad Blue Boys“ во 2008 година. На 10 мај го одигра последниот натпревар за Динамо, а по него навивачите побараа од него да вети дека еден ден ќе се врати.
„Ветувам и ве сакам најмногу“, беа зборовите на Модриќ, по што целата трибина избувна во аплауз.