Лошиот рејтинг на СДСМ не е никакво изненадување. Партијата дојде на власт со нереални и неостварливи ветувањa за животниот стандард, за реформи во судство и во социјалната политика, но единствениот континиуитет во политиката на СДСМ е постигнат во обезличувањето на државата и на народот, вели политикологот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС).
Последната анкета која од ИПСОС беше спроведена за потребите на ВМРО-ДПМНЕ покажа огромна предност од безмалку 200.000 гласови на најголемата опозициска партија во однос на владејачката. Анкетираните во голема мерка се насочени кон проблемите на полето на економијата и на животниот стандард, но воедно и со големо мнозинство го отфрлаат францускиот предлог, кој стана основа за преговарачката рамка со Европската Унија.
– Падот на популарноста на СДСМ трае повеќе години и во меѓувреме не се случи ништо што може да го поправи нивниот рејтинг, а напротив со прифаќањето на францускиот предлог тие дополнително ја загрозија својата позиција пред гласачите. Огромно мнозинство граѓани беа против прифаќањето на договорот, но тие инсистираа тоа да биде прифатено. Со тоа, СДСМ не само што се дистанцираше од своите традиционални гласачи, туку се дистанцираше и од своето членство. Тоа го видовме и на неодамна одржаните протести, каде можеа да се забележат членови на владејачката партија – вели Божиновски.
Тој смета дека на партијата ѝ следува т.н. „пасокизација“, односно дека ја очекува слична судбина како и грчката социјал-демократска партија ПАСОК, која од владејачка спадна на освоени неколку проценти од гласовите на последните два изборни циклуса.
– Македонија помина многу лошо со здравствената, како и со енергетската криза. Сега се соочуваме со економска криза, која дополнително ќе ја влоши состојбата. Згора на сè, Владата подготвува да ги покачи даноците. Доколку СДСМ во таква ситуација ги дочека редовните избори во 2024 година, тогаш резултатот ќе биде застрашувачки по нив – додава Божиновски.
Надеж во „асномското“ јадро на СДСМ
Аналитичарот Ивица Боцевски не се сомнева дека СДСМ на наредните парламентарни избори ќе доживее пораз. Но, тој смета дека партијата би можела и да се најде на маргините, доколку дел од поранешните функционери на партијата се решат да формираат ново политичко движење.
– Огромен дел од традиционалните гласачи на СДСМ се разочарани, но тоа не значи дека тие ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ или за Левица. За политиките на Владата веќе поддршка нема ниту од т.н. „длабок СДСМ“, но хомо политикус за кого претпоставуваме дека е рационално суштество, сепак, често знае да се однесува и емоционално. Затоа е тешко да се поверува дека голем дел од разочараните гласачи на СДСМ ќе преминат во спротивниот табор. Но, доколку се случи поранешните функционери од т.н. асномско јадро на државотворната партија, да формираат нов политички субјект, тогаш можеме да говориме за целосна маргинализација на СДСМ, бидејќи поголемиот дел од гласовите ќе преминат кај „алтернативниот СДСМ“. Тоа ќе може да се спореди единствено со примерот од соседна Србија, кога гласовите на СРС на Воислав Шешељ преминаа на контото на СНС формирана од Тома Николиќ и од Александар Вучиќ – вели Боцевски.
Како можни актери во формирањето и подигнувањето на „СДСМ-АСНОМ“, покрај поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Боцевски ги гледа и Весна Бендевска, независниот социјалдемократски градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, но и подзаборавените на политичката сцена Горан Минчев, Гордан Георгиев, Зоран Јовановски, Каролина Астеруд, Ана Павловска-Данева и други.
СДСМ: Мицкоски е изолиран и прочитан политичар
На објавената анкета од пред два дена, од СДСМ денеска објавија нова реакција, со која беше повторена тезата дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е прочитан и изолиран и може да се надева единствено на поддршка од Левица.
„На Христијан Мицкоски му пропаднаа сите лаги, сите блокади, сите обиди за насилни и крвави сценарија. Заради лична корист, Мицкоски ги лажеше граѓаните, ги лажеше своите коалициски партнери, го лажеше и своето членство, го повикуваше на протести на кои ниту самиот тој не се појавуваше. Откако беше прочитан, Мицкоски остана сам и изолиран со поддршка единствено од Левица и Димитар Апасиев. По сите порази, Мицкоски е уплашен за својата фотелја во Белиот дворец, затоа си нарачува анкети со штелувани резултати, во кои не верува ниту членството на ВМРО-ДПМНЕ. Сето ова е веќе видено, секогаш кога на Мицкоски му се ниша фотелјата, тој нарачува анкети за да му го држат стравот. Ниту една фингирана анкета не го сокрива фактот дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ работат против граѓаните, против државните и националните интереси“, се вели во реакцијата на СДСМ на објавената анкета.