Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека денеска се сретнал со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, за време на меѓународната конференција во Анталија, Турција.
– Сакаме да развиеме добри односи со Русија, благодарни сме им за нивниот позитивен став на седницата на Советот за безбедност на ОН (за Косово) и мораме пред се да работиме на нашите интереси. Во приказната денес дека има некое руско влијание на Балканот – се мисли на Србија и БиХ. Не знам какво тоа руско влијание и пречи на Северна Македонија да ги отвори преговорите со ЕУ или доведува до уривање на некои други билатерални односи – рече Дачиќ, пренесе Бета.
По учеството на панелот „Предизвици и можности на Западен Балкан“ на Дипломатскиот форум во Анталија, Дачиќ изјави дека Србија „цврсто ја држи линијата на одбраната, така што никој не го наметнува влезот на Косово во меѓународните организации и институции по спореден пат“.
Тој оцени дека ЕУ, која посредуваше за Бриселскиот договор на патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, денес не може да гарантира негово спроведување.
– ЕУ не може да обезбеди да се формира Заедницата на српските општини (ЗСО). Србија повеќе не смее да дозволи да зависи од другите, рече тој.
По повод неговата денешна средба со шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, тој рече дека „нема да можеме да го промениме ставот на Турција за Косово и Метохија, но треба да се обидеме да бидеме партнери и да ги развиваме економските односи“.
Дачиќ рече дека е неопходно да се обиде економската соработка да се стави „во функција на конструктивност на Балканот“, со што „Србија може да постигне, доколку нема нејзина согласност, да нема наметнување решение“ за Косово.
Тој пред новинарите изјави дека се сретнал и со министрите за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијатро и на Луксембург, Ксавиер Бетел, како и со колегите од Либан и Панама, Абдал Бу Хабиб и Џанаин Теванеи и со генералниот потсекретар на ОН и висок претставник за Алијансата на цивилизациите (UNAOC), Мигел Ангел Моратинос.