Српскиот министер за надворешни работи во технички мандат и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, изјави дека Србија нема намера да води војна, но ако сака – „Ниту милион ракети „џавелин“ не би му помогнале на Косово“, коментирајќи ја одлуката на Вашингтон да одобри продажба на ракети за Косово.
Тој во емисијата на ТВ Пинк ја коментираше и најавата на американскиот амбасадор Кристофер Хил дека САД ќе испорачаат противтенковски системи „џавелин“ на Косово. Според Дачиќ, крајно време е Србија да одлучи дали Косово е нејзино национално прашање или не.
Тој ја критикуваше Српската православна црква (СПЦ) што одбива да ја прифати посетата на Папата Франциск во Србија, бидејќи смета дека влијанието на Ватикан е исклучително важно во светот, нагласувајќи дека Ватикан (засега) не ја признал независноста на Косово.
На новогодишниот прием за членовите на дипломатскиот кор Дачиќ истакна дека Србија „не е ничија продолжена рака„:
– Чија продолжена рака сме биле на 27 март 1941 кога сме одбиле да му се придружиме на пактот на Хитлер, во 1948 кога сме му кажале „не“ на Сталин, сме ја осудиле воената интервенција во Чехословачка, војната во Виетнам или убиството на Патрис Лумумба? – изјави тој.
Дачиќ праша и чија продолжена рака е Приштина “кога 10-11 години ѝ проаѓа тоа што не го спроведува Бриселскиот договор, чиј гарант е Европската Унија“.