Српскиот министер за надворешни работи и вицепремиер Ивица Дачиќ за време на гостувањето на РТС рече дека видеото кое на Фејсбук го објави косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечла воопшто не е од ноќта кога се случи инцидентот, односно дека се работи за измама.
Косовскиот министер Свечла напиша дека на видеото се гледа и Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српската листа, кој е на црната листа на САД и на Велика Британија.
– Не оправдуваме никакви насилни дејствија, жалиме за убиството на полицаец, за загубата на српски животи и за тоа што се случи таков инцидент кој не е во интерес на Србија – рече Дачиќ.
Тој додаде дека Приштина, како и српската опозиција, одговорноста ја префрлаат на Александар Вучиќ.
– Тука се обидуваат да докажат и покажат дека овие акции ги извршил Милан Радоичиќ или Звонко Веселиновиќ, затоа што им треба врска со Белград, сакаат да кажат дека некој го увезува конфликтот од надвор – смета шефот на српската дипломатија.
Потоа се осврна на самото видео, велејќи дека на снимката „можете дури и да го видите снегот“.
– Имаше и снег, што значи дека не е снимка од тој ден. Мизерно е што на овој начин, на сметка на државните органи, сакаат да докажат дека Србите се терористи кои учествувале во сето ова – нагласи Дачиќ.
Тој повтори дека Белград се бори за мир и за правата на Србите и дека поради сето тоа нема да дозволи натамошна ескалација.