Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска разговараше со амбасадорите на земјите од Квинта и шефот на делегацијата на Европската Унија во Србија „за бројни прашања“, а сите информации за позициите искажани од партиите ќе бидат објавени во наредните 36 часа, јави дописникот на МИА од Белград.
Ова се наведува во кусото соопштение на прес-службата на претседателот на Србија по средбата со амбасадорите на САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и ЕУ, која се одржа неколку часа по почетокот на рускиот напад на Украина.
Вучиќ синоќа изјави дека „ќе излезе со целосен одговор на украинската криза во следните 48 часа“.
– Нашите позиции целосно ќе се засноваат на почитување на меѓународното јавно право, тие ќе бидат апсолутно принципиелни и нема да се разликуваат во однос на она што го мислевме и зборувавме во 2000, 2015 и денес – изјави синоќа Вучиќ.
Претставниците на ЕУ и САД изјавија дека очекуваат Белград да го усогласи својот одговор на признавањето на Русија на двата отцепени региони во источна Украина со Западот, вклучително и во однос на санкциите.
Вучиќ во 13 часот закажа седница на Советот за национална безбедност, а во 15 часот треба да се одржи владина седница на која е поканет и тој.
Од друга страна, пак, претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и претседател на Народното собрание, Ивица Дачиќ, оцени денеска дека Србија не смее да се приклучува кон разни осуди и санкции против Русија, бидејќи земјите што го бараат тоа од Србија не помогнале во 1999 година, кога Србија беше бомбардирана, јави допсиникот на МИА од Белград.
Говорејќи за РТС, Дачиќ кажа дека официјален Белград треба да ги зачува односите со Европската Унија, но и со Русија и со Кина, „бидејќи никој нема да нѐ брани ако тие (Русија и Кина) престанат да нѐ бранат“.
– Дали ние (Србија) сме енергетска сила, па сè да зависи од тоа како ќе се изјасниме, мора да си ги гледаме нашите интереси. Доста гиневме за други – изјави Дачиќ.
Дачиќ кажа дека кризата во Украина се случила затоа што Западот не го почитувал договорот НАТО да не се шири во Источна Европа.
– Мораме да балансираме, и украинскиот и рускиот народ ќе платат висока цена. Апелираме за мир – изјави Дачиќ, чија партија е дел од актуелната влада во Србија.