Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ ги предупреди граѓаните на Србија да избегнуваат патување во Туркије во наредните недели, особено во главниот град Анкара, поради можни терористички напади.
– Сакам да ги предупредам граѓаните дека во следните неколку недели, според информациите од безбедносните служби, може да се очекуваат терористички напади, а во овој случај оваа информација се однесува на главниот град Анкара, рече Дачиќ.
Тој додаде дека треба да се има предвид дека тоа може да важи и за другите делови на Туркије и побара од граѓаните на Србија да избегнуваат патување во таа земја доколку немаат итна потреба во наредните недели.
– Ако нашите граѓани се веќе таму, треба да избегнуваат места со многу луѓе на јавен простор, како што се пешачки зони, метро, автобуски и железнички станици и други слични места. Ова го кажувам исклучиво од безбедносни причини, бидејќи имаме обврска, како што прават и другите земји, да ги предупредиме нашите граѓани да не се случи да дојде до терористички напад, а ние тоа да не го споделивме со граѓаните – рече Дачиќ и додаде дека Србија и Туркије имаат добри односи, дека ја развиваат соработката на сите нивоа.
– Меѓутоа, иако Туркије ни е пријателска земја, морам да ги споделам со граѓаните информациите што ги добивме од безбедносните служби. Така, советот и препораката е да избегнуваат патување во Анкара во следните неколку недели и доколку патуваат во некои други градови или мора да бидат таму, граѓаните треба да избегнуваат места каде што се можни терористички напади – истакна Дачиќ.