Централниот совет на партијата Демократски сојуз, која е дел од власта, смета дека приоритет приоритет треба да имаат изборни реформи и реформи во судтсвото.
Според партијата, Македонија да биде една изборна единица и треба да се укине таканаречаната Пржинска влада.
„Потребни се реформи на судскиот систем преку уставни измени. Предлагаме ограничување на мандатот на судиите на 5 или 7 години, да се избрише уставниот амандман за неодговорност за одлуките што ги носат судиите и да се воведување институт „сослушување“, при селекцијата на судиите и јавните обвинители“, соопшти ДС.
Според ДС, мора да се изградат контролни механизми без да се наруши независноста на судската власт.
„Трето, треба да продолжи неселективната борба против тешките облици на криминал и висока корупција. Да се формира независна Агенција за борба против криминалот, како гаранција за одржливост и ефикасност на системот“, велат од партијата.
Централниот совет на Демократскиот сојуз денеска оцени дека транзицијата на власта се одвива согласно програмските определби на Владата. Според партијата, се забележува засилен фокус врз справувањето со проблемите и дубиозите што ги остави претходната власт, почеток на расчистување на криминалните афери поврзани со неа, економска стабилизација како основа за натамошен економски развој и привлекување странски инвестиции, како и засилена дипломатска активност за откочување на европските интеграции со заштита на македонските национални интереси.
Партијата информира и дека почна со подготовките за локалните избори. Партиските ограноци треба да ги евидентираат проблемите и потребите на граѓаните, врз основа на што ќе се подготви изборната програма.