More

    Д-р Ирина Пановска Ставридис отворено за нападите врз неа и врз веледрогеријата „Д-р Пановски“

    spot_img

    Морничавиот скандал на Клиниката за онкологија го тресе јавното здравство и по којзнае кој пат ги покажува сите длабоки аномалии во државниот здравствен систем. Повторно се актуелизира главната болка – недостатокот на лекови за терапии на најтешко болните пациенти. Се расправа за тоа од кого се набавуваат лековите, по кои цени и во кои количества, дали истите се со сомнителен квалитет и дали со скапите лекови купени со народни пари се тргувало на црниот пазар, за да се остварува лична корист на вршителите на одговорни функции во јавното здравство.

    Јавноста е со право згрозена, додека многу паталци на социјалните мрежи споделуваат лични или искуства на нивни блиски на клиниките каде се аплицираат цитостатици и биолошка имунотерапија. Ова е повод да се организираат и протести пред Владата и пред Јавното Обвинителство, од неформалната група „Протест против убиството на Онкологија“.

    Што велат злите јазици за таткото и за ќерката Пановски?

    Покрај Онкологија, една од клиниките кадешто согласно со протоколите за лекување на хематолошки заболувања на крвта најмногу се аплицираат биолошка, имунолошка, таргетирана терапија, нови иновативни терапии, како и класични стандардни цитостатици, е Клиниката за хематологија. А кога ќе се спомне Хематологија, вниманието по правило се врти кон актуелната директорка проф. д-р. Ирина Пановска Ставридис, ќерка на Златко Пановски, сопственикот на веледрогеријата „Д-р Пановски“.

    Злите јазици, како и порано во повеќе прилики, така и сега во контекстот на скандалот на Онкологија, велат дека ова е школски пример за конфликт на интереси и дека „ќерката одработува за профитот на таткото“. Згора на тоа, дел од јавноста шпекулира дека биолошката терапија е воведена во 2017 година од страна на тогашниот министер Венко Филипче во полза на „Д-р Пановски“ токму заради наводната блискост на министерот со директорката на Хематологија.

    Од директорката на Хематологија побаравме одговори на сите спорни прашања, па и за тие кои имаат карактер на класични шпекулации и непристојно оговарање. Д-р Пановска Ставридис одлучи да одговори на сите шпекулации, но разговорот сепак почнува со прашања што се однесуваат на ефикасноста на биолошката терапија, за тоа дали ја има во доволни количини и колку од таа терапија се набавувала преку веледрогеријата „Д-р Пановски“.

    Користа од иновативните терапии

    Биолошката имунолошка терапија е достапна на Клиниката на хематологија одамна, уште пред д-р Ирина Пановска Ставридис да се вработи во оваа здравствена институција. Во тоа време, се присетува таа, пациентите со малигни хематолошки заболувања биле лекувани со биолошката терапија интерферон и со гранулоцитно стимулирачките препарати (биолошки препарати кои стимулираат раст на леукоцитите). Тие се супортивна биолошка терапија.

    – Во 2005 година за првпат на нашата клиника успешно е воведенa првата иновативна терапија,  анти CD20 моноклоналното антитело Ритуксимаб, која од 2007 година е ставена на позитивната листа на лекови на Фондот за здравство.  Воведувањето на овој лек е пресвртница за исходот на пациентите со малигни лимфоми, над 70 % од нив со додавањето на ова антитела добиваат можност за комплетно излекување. Во 2011 година на позитивната листа на лекови е ставена најсовремената во тоа време таргет терапија, лекот Иматиниб, која на пациентите со хронична миелоична леукемија комплетно им го смени животот. Оваа револуционерна терапија на пациенти со дотогаш смртоносната малигна болест, им даде можност да станат обични граѓани кои денес примаат хронична орална терапија, по една капсула дневно, работоспособни се, всушност живеат еднакво квалитетен живот како и нивните здрави сограѓани. Од 2012 на клиниката е достапно и моноклоналното антитело Брентиксумаб ведонтин, кое е зрак надеж и можност за излекување на пациентите со рефрактерна Хочкинсова болест. За жал, овој препарат никогаш не стана дел од позитивната листа на лекови, која поради неадекватните здравствени политики водени од 2011 година наваму никогаш не се дополни и не се обнови. Сепак, се најде законско решение овие лекови да станат достапни за македонските осигуреници, со помош на посебни условни буџети и одобрение на ресорното министерство и на Фондот – објаснува таа.

    Д-р Пановска Ставридис вели дека еден од најважните трендови во последните неколку декади во лекувањето на карциномите во глобални рамки е развојот на високо ефикасни биолошки терапии со релативно малку несакани ефекти.

    – Тие се насочени кон специфични делови од канцерогените клетки, кои не се нормално присутни во нормалните клетки и соодветно ги уништуваат само нив. Во основаta на оваа терапија е дека делува насочено и директно против карциномот, штитејќи го околното здраво ткиво, или пак го зајакнува имунитетот на самиот организмот, со што го уништува туморот и го контролира неговото ширење. Овие терапии денес се стандардна нега во лекувањето различни типови карциноми и успешно се спроведуваат кај пациентите со лимфоми, миеломи, леукемии, карциноми  на дојка, црева, на бубрег и малигниот меланом на кожа. Биолошката терапија, освен во  третманот на карцином се применува и кај разни автоимуни заболувања, како ревматоидниот артритис, мултиплекс склерозата, Кроновата болест и други, покажувајќи голема ефикасност споредено со вообичаените терапии – објаснува директорката на Хематологија.

    Се чини дека темата за оваа иновативна терапија, којашто e решение што нуди поголеми и подобрени пристапи за третмани со долгорочен ефект, што влијаат врз закрепнувањето и животот на многу пациенти, на д-р Пановска Ставридис ѝ е омилена тема што сака да ја сподели со јавноста, обидувајќи се да ја развие свесноста за фактот што разновидноста на тековните биолошки третмани ги става во првите редови кога станува збор за третман на карцином, го подобрува квалитетот на животот на многу пациенти и придонесува за помалку компликации.

    – Иднината на третманот на огромен број заболувања, малигни, автоимуни, инфективни, се новите биолошки, таргетирани, имунолошките и клеточните терапии. Класичната хемотерапија, лека полека, во следните две или три декади ќе стане минато, особено за богатите државите кои се грижат за оптимална терапија за своето население – вели таа.

    „Д-р Пановски“ набавува лекови уште пред таа да стане студентка на Медицинскиот факултет!

    Во врска со сомнежот на јавноста дека секоја јавна набавка на Клиниката за хематологија на која конкурира веледрогеријата „Д-р Пановски“ е поврзана со конфликт на интереси, проф. д-р Ирина Пановска Ставридис вели дека е целосно свесна дека е многу тешко, речиси невозможно, да го отргне тој сомнеж, иако таа сторила сѐ што било во нејзина моќ за да обезбеди целосна легалност на јавните набавки од моментот кога го презема раководењето со Хематологија.

    – Жалам што периодот на моето менаџирање со Kлиниката го поминувам правдајќи се за учеството на „Д-р Пановски“ во јавните набавки за лекови, наместо да зборуваме за успесите на Клиниката, за воведувањето најсовремените методи за лечење на хематолошките болести, за претворањето на Клиниката во регионален центар и за нејзино инфраструктурно зајакнување, за реконструкцијата и за реновирање на постоечките капацитети. Верувајте, најмалку зависи од било која моја одлука дали и колку лекови веледрогеријата „Д-р Пановски“ ќе добавува на Клиниката за хематологија и во целото јавно здравство. Оваа веледрогерија постои 29 години, учествува во јавните набавки уште пред јас да станам студент на Медицинскиот факултет и е единствен овластен застапник на територијата на Северна Македонија за дел од лековите кои се аплицираат во терапиите за лекување хематолошките болни – објаснува д-р Пановска Ставридис.

    Да биде парадоксот поголем, вели таа, праксата потврдува дека „Д-р Пановски“ има помал обем на работа со Хематологија откако ќерката на сопственикот на веледрогеријата е медицински директор. Како поткрепа на овој факт е следнава споредба: во периодот 2014-2017 година, веледрогеријата склучила со хематологија 15 договори за јавни набавки, а повеќе во двојно подолг период, сметано од 2017 до денес, период кога должноста медицински директор на клиниката ја извршува д-р Пановска Ставридис. Имено, од 2017 година до денес се склучени вкупно 12 договори за јавни набавки со „Д-р Пановски“. Се разбора, овие договори се склучуваат во рамките на максимално дозволените цени.

    Формула за надминување на конфликтот на интереси

    – Целосно бев свесна дека после моето назначување за медицински директор во јавноста може да се јават сомневања за евентуален конфликт на интереси. Затоа, веднаш откако сум назначена за медицински директор на ЈЗУ УК за хематологија-Скопје, согласно Законот за спречување на судир на интереси, на 18.09.2017 година, на сопствена иницијатива, писмено се обратив до Државна комисија за спречување на корупција, со барање за издавање правно мислење за начинот на постапување при постоење на судир на интереси. Државната комисија за спречување на корупција, со Известување бр. 09-6720/2 од 17.11.2017 година, укажа на фактот дека при постоење на судир на интереси, медицинскиот директор треба да побара да биде изземен и да запре со своето постапување и согласно закон, да овласти друго лице кое ќе ја спроведува постапката за јавна набавка каде како понудувач се јавува „Д-р Пановски“ и при тоа ќе ја потпише документацијата за истата – објаснува д-р Пановска Ставридис.

    Побарав Управниот одбор на Клиниката за хематологија да донесе Одлука за изземање од постапување на медицинскиот директор во постапките за сите јавни набавки во кои како понудувач се јавува „Д-р Пановски“. Ниту одлучувам за тие набавки ниту ги потпишувам.

    Проф. д-р Ирина Пановска СтавридисМедицински директор на Клиниката за хематологија

    Почитувајќи ги укажувањата на Државната комисија за спречување на корупција, како медицинскиот директор, таа ќе побара Управниот одбор на Хематологија да донесе Одлука за изземање од постапување на медицинскиот директор во постапките за сите јавни набавки во кои како понудувач се јавува „Д-р Пановски“, како и со посебно решение да овласти друго лице од редот на вработените во клиниката да ги донесе соодветните одлуки и да ги потпише соодветните договори за доделување на договор за јавна набавка.

    – Во целост го почитувам укажувањето и по истото постапувам без исклучоци – категорично тврди проф. д-р Ирина Пановска Ставридис.

    Актуелната директорка на Хематологија е свесна дека нема да ги спречат шпекулациите и манипулациите. Но, фактите што ги сподели со јавноста во овој разговор, како за праксата на Клиниката за хематологија, така и за веледрогеријата „Д-р Пановски“, се достапни и проверливи и тие ѝ даваат право на проф. д-р Ирина Пановска Ставридис енергично да отфрли секаква споредба меѓу праксата на Клиниката за хематологија со која раководи со скандалозните наводи за Клиниката за онкологија, кои во овој момент се предмет на интерес на истражните органи.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img