Овогодинешните Олимписки игри во Париз започнаа со дожд, проследен со интензивни горештини, а на крајот сите уживаа во неделата на пријатно сончево време. Екстремните горештини неодамна станаа се поголема закана за професионалните спортисти поради климатските промени и глобалното затоплување. Имено, се зголемува бројот на случаи на топлотна исцрпеност и топлотен удар при натпреварување.
Повеќето градови во светот нема да можат да бидат домаќини на Летните олимписки игри во наредните децении поради нивото на топлотен стрес (кој се пресметува со комбинирање на податоци за топлина, влажност, брзина на ветерот, агол на сонцето и облачност). Според податоците од CarbonPlan, непрофитна климатска организација, во речиси сите градови во источниот дел на САД, до 2050 година топлотниот стрес далеку ќе ја надмине границата од 82,1 степен, по што експертите препорачуваат откажување на спортските настани.
Градовите во северозападниот дел на Европа би можеле да станат поатрактивни
Со други зборови, одржувањето на Летните игри во овие градови би било голем здравствен ризик за спортистите. Игрите исто така нема да може да се одржат во државите околу Мексиканскиот Залив, од Флорида до источен Тексас. Голем дел од источна Кина, вклучувајќи ги Пекинг и Шангај, исто така ќе биде над границата, покажуваат податоците; како и Хонг Конг и огромни делови од Југоисточна Азија, пишува CNN.
Има се повеќе предлози за малку поместување на датумот на Летните олимписки игри за да се избегнат најголемите жештини. Ова всушност веќе го направи Австралија во 2000 година кога ги одржа Игрите во септември и октомври, во текот на пролетта на јужната хемисфера. Во Бразил, Игрите во 2016 година се одржаа во август, кога просечните зимски температури во Рио де Жанеиро беа пријатни 20 степени.
Градовите во северозападна Европа – како Лондон, Осло и Стокхолм – би можеле да станат поатрактивни за овој спортски настан, додека медитеранските градови ќе бидат премногу жешки. Јужноамериканските градови на голема надморска височина би можеле да станат попогодни за Летните олимписки игри, пренесува Индекс.
Веќе имаме проблеми
Некои од градовите каде што се одржаа Летните игри во голема мера ќе ги надминат безбедните температури до 2050 година. Пекинг, кој беше домаќин во 2008 година, ќе беше премногу топол и влажен, со топлотен стрес над 90 степени. Атина, Рим, Барселона, Атланта, Токио и Сеул исто така би биле премногу жешки.
Ова не се само предвидувања за иднината. Последиците од климатските промени може да се видат и сега. Летните олимписки игри 2020 година, кои се одржаа во Токио во 2021 година поради пандемијата, беа најжешките во историјата, со топлотен стрес од 89 степени. Секој стоти спортист имаше проблеми поради жештините.
Организаторите ги преселија маратоните и некои други натпревари во постудениот, планински град Сапоро. Сè уште беше премногу топло и влажно, а шест натпреварувачи претрпеа топлотен удар. Медицинските тимови им даваа на спортистите ледена бања за да ја намалат телесната температура, пренесува Индекс.