Членките на НАТО треба да издвојат повеќе од 2% од БДП за одбрана

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Одвојувањето за трошоци за одбраната, од 2% од националните бруто-домашни производи (БДП), не е доволно и земјите членки на НАТО ќе мора да издвојуваат повеќе средства за зајакнување на своите одбранбени капацитети, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, на прес-конференција пред почетокот на дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на Пактот, на кој учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

– Мора да направиме повеќе. Не можеме да останеме на 2% бидејќи на долг рок тоа би значело дека нашата решителност не е доволно јака – рече Руте.

За да ја зајакне својата безбедност, според него, на НАТО му е потребна посилна одбранбена индустрија и зголемување на нејзиното производство, нешто што Русија, Кина и Северна Кореја веќе го прават.

Работниот дел од состанокот започнува попладнево со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии, на кое првпат ќе учествува и јорданскиот крал, Абдула Втори., со кого

Министрите од НАТО ќе разговараат за тековниот конфликт на Блискиот Исток и за неговото влијание врз евроатлантската безбедност.

– Јордан е еден од најважните партнери на НАТО на Блискиот Исток. Наскоро ќе ја отвориме канцеларијата за врски на НАТО во Аман и ова е важен чекор со кој нашите односи во регионот ќе ги направиме уште посилни – рече Руте.

На крајот на првиот ден од заседанието ќе се одржи сесија на Советот НАТО-Украина, во форма на работна вечера, на која ќе учествува и украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха. На заседанието ќе се разговара за конфликтот во Украина и за начините за зајакнување на земјата во справувањето со руската агресија.

Украина е полигон за тестирање експериментални руски ракети

Руте најави дека на заседанието ќе присуствува и новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, затоа што, како што нагласи, НАТО и Европската Унија мора тесно да соработуваат во поддршката за Украина.

– Украина влегува во уште една клучна зима, а руската агресија не покажува знаци на намалување. Токму спротивното, Путин ги засилува својата реторика и непромислените постапки. Тој ја користи Украина како полигон за тестирање експериментални ракети и распоредува севернокорејски војници во оваа илегална војна. Рускиот претседател, Владимир Путин, не е заинтересиран за мир и го зајакнува притисокот, обидувајќи се да заземе повеќе територија зашто мисли дека може да ги скрши нашата решителност и решителноста на Украина, но греши – додаде Руте.

- Advertisement -
Ad image

Важи ветувањето за финансиска помош од 40 милијарди евра за Украина

Руте нагласи дека сојузниците остануваат посветени на ветувањето, дадено на Самиот на НАТО во Вашингтон во јули годинава, за финансиска помош од 40 милијарди евра за оваа година, за поддршка на Украина, и ги поздравува неодамнешните најави за поголема воена помош за земјата од повеќе членки на Алијансата, меѓу кои и САД, Германија, Шведска, Естонија, Литванија и Норвешка.

– Ова е одлична вест. Ја формираме новата Команда на НАТО во Визбаден за да ја координира безбедносната помош и обука за Украина. Ова ја прави нашата поддршка поцврста, а исто така и одржлива. Но, сите ќе треба да направиме повеќе, особено сега. Колку е поголема нашата воена поддршка за Украина сега, толку посилна ќе биде нејзината позиција на преговарачката маса и толку побргу можеме да ставиме крај на руската агресија еднаш засекогаш – додаде Руте.

Според него, на Украина не ѝ требаат идеи и дискусии како да преговара за постигнување мир, туку ѝ треба воена поддршка за зајакнување на нејзината позиција на теренот, а со тоа и во идните мировни преговори.

- Advertisement -
Ad image

Местото на Украина ѝ е во НАТО, но не веднаш

Во врска со барањата на Киев за доставување покана за членство во НАТО по забрзана постапка, Руте истакна дека меѓу сојузниците постои согласност дека местото на Украина е во Алијансата, но дека во моментов приоритет е зајакнување на воената поддршка за земјата и за тоа ќе се разговара на претстојниот министерски состанок.

Ќе се дискутираат непријателските активности на Русија во земјите на НАТО

Министерскиот состанок на НАТО продолжува утре претпладне со заседание на Северноатлантскиот совет на кое, меѓу другото, ќе се разговара и за зајакнување на одбранбената индустрија, зголемување на безбедноста на критичната инфраструктура, подготовките на Самитот на Алијансата што ќе се одржи следната година во Хаг, но и за „непријателските активности на Русија во земјите на НАТО“.

– Во текот на изминатите години, Русија и Кина се обидоа да ги дестабилизираат нашите нации со акти на саботажа, кибернапади и со енергетска уцена. Да нѐ заплашат. Но, ниедна од овие акции нема да нѐ одврати од поддршката на Украина или од зајакнувањето на нашата сопствена одбрана. Сојузниците на НАТО ќе продолжат да стојат заедно за да се соочат со овие закани преку низа мерки, вклучително и преку поголема размена на разузнавачки информации, а и подобра заштита на нашата критична инфраструктура – додаде Руте.

Share This Article