Новопечениот британски крал Чарлс беше фатен на камера додека изгледаше како ѝ се жали на својата сопруга Камила дека му е „ужасно досадно“ бидејќи бил принуден да чека неколку моменти пред да може да влезе во Вестминстерската опатија каде што се одржа крунисувањето.
Во саботата наутро Чарлс пристигна пред опатијата малку пред договореното време и мораше да почека неколку минути пред да влезе во црквата.
Вилијам и Кејт, односно принцот и принцезата од Велс, пристигнале малку подоцна и се придружиле на луѓето кои влегле во црквата по идниот крал.
Чарлс изгледа прилично намуртено во кочијата.
Штом било забележано дека Чарлс зборува со Камила, биле ангажирани читатели на усни за да дознаат што рекол кралот.
– Никогаш сè не може да биде на време. Ова е негативно… Секогаш е нешто… Ова е толку досадно – рекол Чарлс, пренесе „Sky News“.
Но, можеби зборовите на Чарлс се само одраз на нервоза пред некој важен настан.
Чарлс и Камила беа крунисани на церемонија на која присуствуваа сто шефови на држави, многу кралеви и кралици и бројни познати личности, а милиони ширум светот ги гледаа на ТВ екраните и на Интернет.
Но, иако сѐ изгледаше совршено, работите не одеа баш како што беше планирано.
– Една или две работи не одеа според планот. Но, нема да засрамам никого посебно – призна по церемонијата бискупот од Хелмсфорд, д-р Гули Френсис-Декани.
За време на церемонијата, надбискупот од Кентербери одвои неколку моменти за да ја намести круната на главата на Чарлс. Тој дури и ја изврте малку круната на Свети Едвард за да се увери дека е на место и дека нема да падне, што би било вистинска катастрофа.