„Човекот што ни го уби детето беше во затвор поради силување. Прво му ја намалија казната од 18 на девет години. Зошто не го држат во затвор?“.
Вака прашала расплаканата мајка на 11-годипната Василки која беше убиена од нејзинот 37-годишен чичко. Убиството во Грција го потресе регионот откако избоденото тело на девојчето беше најдено преку апликацијата Амбер Алерт.
Плусинфо веќе пишуваше дека мотивот на убиството е веројатно обљуба. Чичкото не го кажал мотивот, но рекол дека пред убиството сакал да има секс со својата мала внука. „Ја однесов во шумата и ја убив“, изјавил чичкото во полицијата.
Обдукцијата треба да покаже дали има траги од силување на телото, покрај пронајдените убоди од штрафцигер.
Додека во грчките медиуми се појави слика од чичкото, фамилијата на Василики е револтирана. Јавноста таму се прашува зошто чичкото не бил задржан зад решетки, а веќе бил осуден за силување на 14-годишно девојче во 2017 година.
Во 2020 година, тој беше осуден на Закинтос, но беше ослободен на условна слобода во очекување на пресудата на апелациониот суд. Бил должен редовно да се јавува во полициска станица. Засега, според написите во медиумите, не е познато дали ја испочитувал судската наредба.
– Ќе го погледнев во очи и ќе го прашав зошто му го направи ова на моето девојче. Не доаѓаше често, ќерка ми му ја переше колата – вели таткото на убиената Василики.
Тој утрото по убиството отишол да ги утеши родителите на убиеното девојче, додека тие сè уште верувале дека Василики е киднапирана. Во исто време на социјалните мрежи сподели “amber alert” информација за нејзиното исчезнување.
Откако родителите на Василики го пријавиле нејзиното исчезнување, полицијата ги прегледала безбедносните камери, кои го снимиле девојчето како влегува во автомобил. Набрзо било утврдено дека се работи за возилото на нејзиниот чичко.