Веќе четири дена цела Македонија е на нозе откако, во понеделникот, околу 7.30 часот, исчезна 14-годишната Вања Ѓорчевска одејќи накај училиште, во Дебар Маало.
Откако мајката на социјалните мрежи побара помош од граѓаните во пронаоѓањето на девојчето, сите се вклучија во споделувањето информации и детали за неа.
Поради ова се поставува прашањето дали овој немил настан ќе ги забрза процедурите за воведување на системот „Амбер Алерт“ или „Најди ме“?!
Од МВР за Плусинфо информираа дека за решавање на случајот и пронаоѓање на 14-годишното девојче е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери.
– Продолжуваме со истрагата. Посебен штаб на чело со началникот на СВР Скопје интензивно работи на расчистување на случајот. Во моментов не можеме да споделиме повеќе информации, бидејќи станува збор за сензитивна истрага, но кога ќе бидеме сигурни ќе ја информираме јавноста – велат од МВР за Плусинфо.
Податоците за исчезнатото лице на 28 ноември во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол.
Според досегашните информации, проверен е компјутерот на Вања, со домашните немала никакви проблеми, така што ништо не укажува дека таа избегала од дома поради проблеми. Вања немала никакви проблеми ниту на училиште.
Плусинфо на почетокот на овој месец пишуваше токму на оваа тема и дека Македонија треба да биде дел од европскиот систем за рано предупредување на исчезнати деца „Амбер алерт“.
Во моментов кај нас во функција е веб-страницата „najdime.org.mk“, каде што веќе е прикажан профилот на исчезнатата Вања, а преку која ќе се алармира за секое исчезнато лице во земјава, а особено за децата, дело на невладината организација „Новинари за човекови права“ под проектен менаџмент на фондација од Австрија. Но, нашата земја допрва треба да се подготви за систем каков што пред извесно време беше пуштен во употреба во Србија, кој за прв пат е воведен во САД и се користи уште во 30 други земји.
Според статистиката на МВР, во Македонија од 2020 година до 27.10.2023 година, пријавени се 75 исчезнати малолетни лица, а пронајдени се 65.
Системот за рано предупредување што го развива „Новинари за човекови права“ наскоро би можел да испрати порака или апел за одредено исчезнато дете до нивните партнери, со цел побрзо да се алармира јавноста за негово пронаоѓање.
– Многу е важно да се спомне дека без пријава во полиција ништо не може да се прави, бидејќи законски не е овозможено, бидејќи сепак се штитат правата на децата и правата на родителите. Наша цел е да потпишеме меморандуми со повеќе јавни претпријатија, компании, трговски центри и преку нивните дигитални екрани да се споделуваат овие апели – ни рече тогаш Александра Радевска, проект-менаџер од невладината организација „Новинари за човекови права“.
Радевска нè информираше за неколку примери како тоа би функционирало во иднина. Доколку тие остварат соработка со некоја банка, во моментот кога ќе одите на банкомат да извадите пари, веднаш на мониторот ќе се појавува информација со слика и основни податоци за исчезнатото лице. Истото очекуваат да се случи доколку бидат вклучени и јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, такси-компаниите, хотелите и сите оние места каде има поголема фреквенција на луѓе и од каде може да се добие соодветна информација за исчезнатото лице.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, за Плусинфо вели дека уште од кога е воспоставен бројот 112, тој се залага за негова надградба за итно информирање на граѓаните за одредени природни непогоди, а истиот ќе може да се користи и за исчезнати деца.
– Системот „cell broadcasting“ за праќање масовни пораки за одредена локација или за целата територија, како и за споделување на пораките преку социјални медиуми, телевизиите и на интернет порталите, би можел да се користи и за споделување информации за исчезнати деца. За ваков систем ние имаме веќе аплицирано до ИПАРД 3 програмата на ЕУ. Поради енергетската криза, не ни беа одобрени средства, но очекуваме до 2024 година да добиеме – ни изјави тогаш Ангелов.
Исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска можеби ќе ги забрзаат процедурите за воведување на системот „Амбер алерт“ или „Најди ме“, како што тие функционираат во повеќе земји низ светот.
Инаку граѓаните веднаш почнаа да се самоорганизираат за да ја најдат Вања, а во нејзината потрага се вклучи и Ловечката федерација. Фотографии со нејзините информации се споделуваат масовно на социјалните мрежи.
За нејзиното исчезнување е напишано и на повеќето јазици од околните земји, а некои познати лица од регионот веќе ги споделуваат апелите на своите социјални мрежи со надеж за брзо пронаоѓање на Вања.
Од денеска грчката невладина организација „Насмевката на детето“, чија главна цел е заштита на децата и нивните права, на официјалниот Фејсбук профил објави пост за исчезнатото девојче од Скопје, Вања Ѓорчевска.
Не станува за официјален амбер алерт, туку за фотографија и информации поврзани со 14-годишната, чија трага се загуби во понеделникот наутро во центарот на Скопје.
Споделени се сите информации, околу личниот опис на девојчето, облеката што ја носела на денот на исчезнувањето, како и официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи на Македонија.
Инаку, Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје, на пат кон училиштето во Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
– Девојчето е високо 175 сантиметри, тешко 58 килограми. Има темнокафеава коса, кафеави очи, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Пред исчезнувањето била облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носела школски ранец и мобилен телефон ајфон – објави МВР.
Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.
Семејството и полицијата постојано апелираат да не се споделуваат дезинформации на социјалните мрежи и во медиумите кои ја попречуваат истрагата и го вознемируваат семејството на исчезнатото девојче.
МАКЕДОНИЈА ЧЕКА ЕВРОПСКИ ПАРИ ДА ВОВЕДЕ СИСТЕМ НА РАНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА Има иницијативи, но доцниме зад Србија
ТРЕТ ДЕН СЕ ТРАГА ПО ВАЊА, ДА ПОМОГНЕМЕ СИТЕ! Информацијата за нејзиното исчезнување се шири и во соседните земји