Четирите најавени локомотиви од „Србија Карго“ пристигнаа во Македонија и веднаш ќе бидат ставени на располагање и во функција на Македонски железници, објави Иван Стоилковиќ, заменик премиер од Демократската партија на Србите во Македонија
„Да потсетам, станува збор за четири локомотиви за товарен сообраќај што ќе бидат од суштествено значење за непречено фунционирање на товарниот сообраќај низ Македонија, преку Србија, до земјите од Европската Унија. Договорената соработка е од големо значење не само за двете железнички компании, туку и за севкупната регионална соработка по Коридорот 10 која не само што ќе го зголеми капацитетот на транзитниот сообраќај, туку и приходите, во пресрет на сѐ поголемата побарувачка на товарниот транспорт“, напиша Стоилковиќ на Фејсбук.
Тој ги пофали директорот на МЖ Транспорт Дејан Кошутиќ за брзото спроведување на постапката и надлежниот министер Александар Николовски.
„Благодарност до српската Влада за покажаното разбирање и брзата реакција во решавањето на проблемот со кој се соочувавме“, додаде Стоилковиќ.