Четиридневната работна недела како концепт им се исплати и на работодавачите и на вработените, покажаа резултатите од големиот меѓународен експеримет, спроведен во повеќе компании во шест различни земји. По позитивните ефекти од пробниот концепт на работа, многу од компаниите што биле вклучени во експериментот одлучиле да не се враќаат на стариот систем – пренесува хрватскиот портал Индекс.
Дополнително, се покажало дека вработените кои работеле според овој концепт во продолжението на експериментот, кој бил продолжен од шест месеци на една година, можеле успешно да ги завршат сите зададени задачи со дополнително намалување на работното време.
Колку подолго трае експериментот, толку повеќе се скратува работното време
Со други зборови, колку подолго луѓето работеле на нови, поефикасни начини, толку нивните работни недели станувале пократки.
По шест месеци работниците изјавиле дека се помалку исцрпени, дека нивното здравје е подобрено и дека се позадоволни од работата, а просечното работно време го намалиле за околу четири часа, на 34 часа неделно.
Оние кои продолжиле со истиот распоред за цели 12 месеци дополнително го намалиле работното време на околу 33 часа неделно, тврдат истражувачите, истакнувајќи и дека е забележано подобро ментално и физичко здравје и рамнотежа помеѓу работата и животот.
Ова го покажуваат резултатите од експериментите спроведени во изминатите 18 месеци во САД, Канада, Велика Британија и Ирска, а го потврдија искуствата од Австралија и Нов Зеланд.
100% задачи за четири дена за иста плата
Концептот на четиридневна работна недела во која вработените добиваат 100% плата за 80% од вообичаените часови додека одржуваат 100% продуктивност стана сè попопуларен ширум светот во последниве години.
Непрофитната организација 4 Day Week Global, која спроведува тестови на овој концепт и работи со владите за да им помогне да креираат соодветни политики, неодамна ја објави четвртата фаза од своето истражување, која се фокусира на долгорочното влијание на овие експерименти.
Ова е прво истражување кое следело ваков систем на работа 12 месеци наместо шест месеци. Слични резултати дале и претходни полугодишни анкети, но постоел сомнеж дека позитивните ефекти се должат на тоа што се работи за новитет, дека со текот на времето може да исчезнат или да се намалат.
Новото истражување опфаќа повратни информации од 988 луѓе кои работеле во 41 компанија во САД и Канада префрлени на четиридневна работна недела минатата година.
„Испитувањата покажаа позитивни резултати насекаде и ова е нов доказ кој помага да се отфрли загриженоста дека претходните успеси се резултат на новитет и не може да се одржат на долг рок“, пишуваат авторите во извештајот.
Дополнителни придобивки
Освен тоа, со истражувањето е утврдено дека продолжувањето на работата според новиот систем резултирало со дополнително подобрување на физичката и менталната благосостојба на вработените и истовремено со зголемување на продуктивноста.
„Резултатите по 12 месеци се исклучително позитивни и придонесуваат за градење силни докази кои ги покажуваат трајните позитивни ефекти од скратеното работно време. Овие резултати покажуваат понатамошни позитивни трендови во деловните придобивки, придобивките за здравјето и благосостојбата, како и влијанијата врз животната средина и обезбедуваат солидна основа за широко усвојување на четиридневната работна недела“ – посочуваат истражувачите во извештајот.
Огромно мнозинство од вработените сакаат да продолжат да работат така
Од учесниците во студијата, 95% сакале да продолжат со новиот концепт, речиси 70% доживеале намалување на исцрпеноста, 40% чувствувале помалку стрес, а анксиозноста се намалила кај 39% од испитаниците.
Мерено на скала на проценка од еден до пет, каде пет е најдобар резултат, менталното здравје на учесниците во експериментот се зголеми од 2,92 пред почетокот на експериментот на 3,42 по една година, додека нивното физичко здравје се подобри од 3,05 на 3,41.
Истражувањето покажа дека вработените кои се префрлаат на 4-дневна работна недела продолжуваат да работат поефикасно наместо да се обидуваат да брзаат и да ја збијат петдневната работа во четири дена.
Задоволни се и повеќето компании
Посебно е интересно што компаниите кои учествуваа во истражувањето многу позитивно го оцениле целокупното искуство, со просечна оценка од 8,7 од максимални 10.
Како дел од клучните придобивки се истакнати подобрувањето на продуктивноста и квалитетот, привлекување нови вработени и намалување на заминувањето на старите.
Приходите на вклучените компании се зголемиле во просек за 15%, додека вработените за 32% помалку размислувале да ја напуштат својата работа.
Ниту една од вклучените компании не изразила намера да се врати на петдневната работна недела. Дури 89% од нив одлучиле дека дефинитивно ќе продолжат со концептот на четиридневна работна недела, а 11% најавиле дека многу веројатно ќе го направат тоа.