Филмот „Карлос“ во режија на Руди Валдез, посветен на големата гитарска легенда Карлос Сантана, вечерва во 21 часот во киното „Мирно лето“ во Кинотека, ќе го отвори 10. издание на фестивалот „Скопје синема сити“. Фестивалот ќе се одржува од 1 до 4 јули.
Документарниот филм на Руди Валдез, „Карлос“, претставува портрет на Сантана и како јавна и приватна личност, од дете во Мексико па сѐ до најголемите стадиони на светот.
Карлос Сантана е легендарна личност во светот на музиката. Познат по својот спој на латино рок и блуз, кои за прв пат ја пленела публиката кај Филмор во Сан Франциско, а потоа на Вудсток во 1969 година.
До 4 јули проекциите на филмовите ќе започнуваат во 20.15 часот во летното кино, а во случај на дожд, проекциите ќе бидат организирани во киносалата на Кинотеката.
„Скопје синема сити“ е филмски фестивал на музички документарни филмови. Програмата на фестивалот е поделена во два дела – изложба на фотографии што веќе е отворена во „Мала станица“, како и филмска програма што започнува од вечерва.
Утревечер на програмата ќе бидат „Ајде да се изгубиме: Чет Бејкер“ и „Џо Страмер, Иднината е ненапишана“. Земја во фокус годинава е Полска, а фестивалот ќе организира омаж на опусот на Грегор Брзозович. Авторот ќе биде и гостин на фестивалот, а со него ќе биде организиран и разговор на 3 јули во 21.15 часот.
Последната вечер на фестивалот ќе биде посветена на македонски филмови. Ќе бидат прикажани „Лука“ во режија Ице Виранов. Ќе бидат промовирани две изданија „Филмска објектологија“ на Васил Михаил и „Биографија на Тале Огненовски“ на Благојче Трајковски. Ќе биде прикажан и филмот посветен на Огненовски.
Артист во фокус за оваа година е полскиот филмски композитор Збигњев Прајснер кому му е доделена наградата за животно дело.
Во периодот помеѓу 1985 и 1996 година, почнувајќи од филмот No End, Прајснер бил еден од најблиските соработници на Кишловски и заедно работеле на 17 филма. Меѓу познатите филмови што изнедриле исто толку позната музика се мини серијалот „Decalogue“, филмовите „А Short Film About Killing“, „A Short Film About Love“, „The Double Life of Veronica“, трилогијата „Three Colours“.