Челзи во една сезона го собори трансфер рекордот. Лондонскиот клуб минатото лето и во зимскиот преоден рок потроши 611 милиони евра.
Само во јануари двократниот европски првак потроши 329,5 милиони евра, што е дури 43 отсто од вкупната трансфер вредност на Премиер лигата. Челзи донесе седум играчи, но се најде во проблем бидејќи само тројца од тие седум ќе можат да играат во Лигата на шампионите.
Тимот од Лондон го донесе Енцо Фернандез за 121 милион евра, што е рекорд во Премиер лигата. Пред него, Михаило Мудрик (Шахтјор, 70 милиони), Беноа Бадијашиле (Монако, 38 милиони), Нони Мадуке (ПСВ, 35 милиони), Андреј Сантос (Васко де Гама, 12,5 милиони), Давид Датро Фофана (Молде, 12 милиони) и Жоао Феликс од Атлетико Мадрид на позајмица за 11 милиони евра.
Бидејќи Феликс веднаш влезе во првиот тим, се очекува да биде пријавен за Лигата на шампионите. Заедно со него тренерот Греам Потер најверојатно ќе ги одбере Фернандез и Мудрик. Тоа значи дека Бадијашиле, Мадуке, Сантос и Датро, играчи платени од 97,5 милиони евра, натпреварите од Лигата на шампионите ќе ги следат од трибините.
Во осминафиналето на Лигата на шампионите, Челзи игра против Борусија Дортмунд. Првиот натпревар во Германија е на 15 февруари, а реваншот на 7 март во Лондон.