Германскиот Биндестаг денeска ќе расправа и ќе гласа за резолуција за поддршка на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, како и афирмација на посебноста на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет.
Резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.
Во германскиот Парламент ќе се дебатира и за други документи во чиј фокус е евроинтергацијата и ситуацијата на Западен Балкан.
Германски пратеници ќе побараат од федералната Влада да постигне на ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување во ЕУ за Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.
Покрај тоа, се предлага со земјите кандидати да се договорат меѓучекори за поблиски врски со ЕУ на патот кон Унијата, како што е асоцијативното членство во заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика без право на глас и начин за пристапување кон внатрешен пазар на ЕУ во замена за реформи и спроведување на критериумите од Копенхаген, како и напредок во владеењето на правото.
Се бара категорично да биде одбиено секое поместувањата на границите на земјите од Западен Балкан, како и нивно приклучување во НАТО, засилена борба против корупцијата, продолжување на „Берлинскиот процес“ за регионална соработка и реформи во рамките на ЕУ за да се обезбеди нејзиниот иден капацитет за прием на нови членки.
Во документите предложени во Бундестагот се вели и дека Западен Балкан останува „регион на латентна нестабилност“.
– Руската агресивна војна против Украина ја истакна ранливоста на границите во срцето на Европа, како и фактот дека замрзнатите или наводно просторно ограничените конфликти можат брзо да ескалираат и да се шират. Ваквите конфликти ја загрозуваат стабилноста и интересите на ЕУ. И покрај големиот напредок во последните децении, Западен Балкан останува регион на латентна нестабилност, каде организираниот криминал, корупцијата и слабото судство се широко распространети – сметаат германски парламентраци.
Во регионот, како што се нагласува, се уште опстојуваат и етничките и верските прашања.
– Во интерес на ЕУ е шесте држави од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – кои сè уште не се членки на ЕУ, но се директно опкружени со земји-членки на ЕУ, да постигнат долгорочна стабилност, владеење на правото, мирно решавање на споровите, цврсти демократски структури и економски просперитет. За да се случи тоа, овие земји мора да се влучат во ЕУ – се вели во документот за кој денеска ќе се расправата и ќе се гласа во германскиот Бундестаг.