Многу добро ни е познато дека Бугарија во март 1941 година потпиша договор со Германија и одговорна е за холокаустот во Македонија и во Тракија. Воопшто не е спорно и тоа дека постои македонски јазик, дека постои македонски народ кој не е творба на Јосип Броз Тито од 1945 година, туку Македонците се Македонци и точка. Тензијата помеѓу Македонија и Бугарија најмногу ѝ одговара на бугарската националистичка партија ВМРО која прави сѐ за да го одржува конфликтот.
Ова се клучните пораки што ги испрати академикот на Бугарската академија на науките Димитар Атанасов, експерт за балканска историја, во интервју со Ицо Најдовски Перин за австралиското радио на македонски јазик.
– Левата тоталитарна идеологија стана државна идеологија во Бугарија. Според тој национален комунизам Македонците не постојат, тие се Бугари и државата треба само да им удри два шамара на Македонците, како на мали деца, за да не прават беља. Таа работа не бива. Секој е слободен да се определи онака како што сака и слободно да може да каже дали е Бугарин, Македонец или… Овие права треба да бидат гарантирани. Бугарската политика тоа не го разбира. Постои таа инерција од комунизмот. Од друга страна, пак, според бугарскиот Устав во Бугарија не се признаваат малцински, групни права. Ова го елиминира односот кон малцинствата. Бугарско граѓанство значи и нација, која не е само едноетнична. Македонците во Бугарија треба да бидат третирани адекватно како културна автономија, а такви опции се можни според бугарското законодавство. Мнозинството треба да се запознава со таа култура. Апелирам да почнеме со тоа – вели Атанасов.
Во интервјуто за македонското радио во Австралија, бугарскиот академик смета дека оваа тензија меѓу Македонија и Бугарија најмногу ѝ одговара на бугарската националистичка партија ВМРО која прави сѐ да го одржува конфликтот.
– Тоа за нив е најсилната карта. Националистите од двете страни на границата си прават услуги. Им одговара оваа антибугарска или антимакедонска политика. Народите не се караат, се караат политичките лидери кои го потхрануваат конфликтот. Па видете кои се членови на бугарскиот дел од историската комисија – Наум Кајчев е од бугарското ВМРО, Ангел Димитров е длабоко поврзан со бугарскиот национализам, таму има луѓе на Божидар Димитров… Бугарската комисија е дадена на концесија на ВМРО. Лошото е што бугарскиот претседател Румен Радев ја зазема истата позиција заради московската врска. Повеќе од јасно е дека Радев нема веќе да биде претседател. Тогаш и Русија ќе биде во многу полоша позиција отколку сега. Ќе дојде прозападен претседател. Историчарите се на една крајно ретроградна позиција. Тое не е европска позиција. Во француско-германската и германско-полската комисија Германците ја признаа грешката. Бугарија била соработник на Третиот рајх и тука треба да се стави точка. Режимот бил профашистички. Бугарија е соучесник во протерувањето на Евреите во Македонија. Депортацијата е извршена со потписи на виши бугарски чиновници. Тоа е неспорно. Така треба и бугарската и македонската страна да кажат, ајде да си ги признаме грешките и тоа да биде почетната позиција – вели Атанасов.
– На 1 март 1941 година има ли потпишан договор? Има! Бугарија е потписничка со Третиот Рајх и точка по тоа прашање. Факт е дека во 1943 година се издава наредба за депортација на Евреите од Македонија. Заради тоа, да. Бугарија учествува во холокаустот во Македонија. Нема никаков спор. Бугарија треба да го признае тоа по примерот на Германија. Да, бугарските институции должат извинување – вели бугарскиот академик.
Според Атанасов, Македонците треба да признаат за убиствата на Бугарите за време на титова југославија.
– Вината треба да се признае и да се ослободиме од неа. Не треба да се извини бугарскиот народ, македонскиот народ, туку треба да се извинат македонските и бугарските институции. Така како што дејствуваат комисиите меѓу Германија и Франција и Германија и Полска. Тие комисии работат веќе десетици години. Работата на тие комисии прерасна во работа на големи проекти – вели Атанасов.