На предлог на надлежните бугарски органи, а во координација со премиерот Кирил Петков, Бугарија денеска прогласи 10 руски дипломати за персона нон-грата, давајќи им рок од 72 часа да ја напуштат земјата, соопшти бугарското МНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, заменик-министерот за надворешни работи, Васил Георгиев ѝ врачил вербална нота на руската амбасадорка, Елеонора Митрофанова.
Според информациите, посочените дипломати, вработени во Амбасадата на Руската Федерација во Софија, на територијата на Република Бугарија извршувале активности неспоиви со Виенската конвенција за дипломатски односи.
Руската амбасадорка Митрофанова коментира дека овој чин на бугарските власти го смета за крајно непријателски и додаде дека Москва го задржува правото на реципрочни дејствија.