Бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура денеска објави тендер за проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија во должина од 2,4 километри, единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир.
Според бугарското Министерство за транспорт, двата проекта се важен дел од имплементацијата на Коридорот 8 на бугарска територија, а со објавувањето на тендерите Бугарија ги исполнува своите обврски за целосна изградба на железничка врска меѓу двете земји.
Тендерот за делницата од Ѓуешево до границата опфаќа и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, а последните 420 метри од таа траса се издвоени како посебна ставка во тендерот, бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел. Само на тој начин, посочува Министерството, нема да биде попречено работењето на тешката механизација што се користи за тунелските работи. Рокот за завршување на активностите е до крајот на 2028 година за целата делница, со исклучок на 420-те метри, што ќе се градат дополнително.
Проектот за модернизација на делницата од 17 километри од Перник до Радомир вклучува изградба на двојна железничка линија за брзина од 160 километри на час, реновирање на станиците и постојките по трасата и отстранување на сите нивелирани премини со патен сообраќај и пешаци за поголема безбедност. Рокот за завршување е средината на 2029 година.
Како што пренесува БТА, бугарското Министерство за транспорт соопштило и дека пред неколку дена, бугарската страна добила одговор од земјава за нацрт-договорот предложен во јануари година. Бугарската страна, според соопштението, нема забелешки на измените од македонска страна и ќе предложи да се договори датум за потпишување на документот.
По средбата на министрите за транспорт на Македонија и на Бугарија Александар Николоски и Гроздан Караџов, на крајот на минатиот месец, на маргините на Министеркиот форум за транспорт во Истанбил, на која беше постигнат напредок за откочување на изградбата на железницата, делегации на двете држави одржаа состанок на 16 јули во Брисел.
Македонското Министерство за транспорт соопшти дека насостанокот се договорени чекорите во следните месеци, при што биле идентификувани приоритети меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година од страна на Македонија.
– Во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи кои до крајот на месецов ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти. Исто така, се разговараше за содржината и потпишувањето на договорот оваа есен со што би се отворил патот за започнување на градежни работи на почетокот на 2026 година. Се согласија да продолжат со активностите за изградбата на прекуграничниот тунел, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од страна на Македонија. Се обврзаа да ги истражат најсоодветните можности за заедничко аплицирање за финансирање од ЕУ или од партнерските финансиски институции за заедничка изградба на тунелот – информираше ресорното Министерство.
Претходно, министерот Николоски по средбата со Караџов изјави дека се покажало дека постои инженерски, а не политички проблем со железничкото поврзување, што довело до тоа Бугарија да ги преземе своите обврски за изградбата на пругата од Коридорот 8. На средбата, покрај согласноста дека тунелот мора да се гради заеднички, дека ќе се потпише заедничка декларација и ќе се работи за што побрза изградба, Бугарија, информираше Николоски, јасно кажа дека ќе инвестира милијарда и 500 милиони евра на потегот од Софија до Ѓуешево и Девер Баир, граница со Македонија, што, нагласи, е значајно ветување и многу поразлично од она што беше претходно.
Третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до границата е во должина од 23,4 километри, со проценка дека ќе чини 550 милиони евра. На почетокот на годинава беше пуштена првата делница Куманово-Бељаковце, инвестиција од 90 милиони евра. Се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Поради проблем со столбовите на патот кон Кратово се работи да се обезбеди ново техничко решение. Проценетата вредност од 150 милиони евра за оваа делница според последната изјава на министерот Николоски „ќе изнесува од 190 до 195 милиони евра“.