Бугарија не треба да дозволи притисок. Бугарската страна мора да покаже доверба во својот став, во своите аргументи и без разлика дали некој ги прифаќа, ние мора да ги браниме. Затоа не смееме да дозволиме притисок, вели Ангел Димитров, претседател на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија, Бугарските медиуми ја објавија изјавата на историчарот, кој тврди дека тој и неговите колеги од Комисијата, се сигурни во позицијата што ја застапуваат.
– Ако сме навистина сигурни во нашата позиција, мора да ја браниме. Со познавање на длабината на проблемите и предвидување на последиците, за разлика од позицијата на народот кој конјуктурно гледа на работите. И ова е прашање на достоинство – изјави Димитров.
За заедничкото чествување на светите браќа Кирил и Методиј, Димитров потсети дека уште во 1999 година во Рим заедно биле двајцата премиери Иван Костов и Љубчо Георгиевски, а потоа имало и заедничко поклонение на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.
– Но, по 2018 година нема заедничко чествување. Двете делегации се таму, но не го прават тоа заедно. Има само средби, но секоја земја поединечно ја изразува својата почит – додава Димитров.
Тој вели и дека бугарската страна во Комисијата дала предлог за заедничка прослава, но, како што објаснува, „она што успеавме да го постигнеме, и ова беше еден од ретките успеси кога зборуваме за светите браќа, да се нагласи улогата на бугарската држава и владетелите – принцот Борис и цар Симеон Први – за создавање и развој на културата создадена од браќата светители – вели Димитров.
Коментирајќи ја работата на заедничката комисија, тој смета дека нема значителен напредок.
– За да одговориме на желбата за нов почеток, побарана од премиерот Кирил Петков, договоривме со колегите од Скопје да одржиме три средби од февруари до мај. По малиот напредок во однос на царот Самуил, нешто што дури и не заслужува посебно внимание, нема ништо ново. Напредокот повторно е запрен – рече Димитров.
Тој нагласува дека проблемот е што македонските историчари се трудат да не прифатат заедничка историја.
– Кога не прифаќате постоење историски феномен, тогаш се создава отпор против спроведувањето на самиот Договор за пријателство и добрососедство. Во обидот да не се зборува за заедничка туку споделена историја, што е нешто поинакво, тогаш се бега од желбата да направат сериозна критичка анализа на сопственото минато – вели Димитров.
Тој додава и дека работата на комисијата е важна, бидејќи како што вели таму барем се зборува за минатото.
– Тоа е катализатор за решавање на политичките прашања, политичарите ќе ја донесат одлуката, но не и историчарите. Мора да се сретнеме со нашите колеги, не можеме да очекуваме само Бугарија да направи некои гестови и чекори. Проблемите се во РСМ. Катарзата мора да се одвива во РСМ бидејќи сè уште нема критичка анализа на сопственото минато – додава бугарскиот историчар.