Постоење на необјективни и јасно мерливи критериуми за распределбата на јавните средства за платено политичко рекламирање и за распределба на дополнителните средства за вториот круг од локалните избори, констатирал Државниот завод за ревизија по извршената ревизија за усогласеност на „Исплатените средства од Државната изборна комисија за извршување на изборните дејствија за спроведување на локалните избори 2021 година“.
„Со извршената ревизијата во ДИК констатирано е дека не е извршен избор на Генерален секретар, согласно член 30 став 1 од Изборниот законик, лице кое обезбедува ефикасно и ефективно раководење со Стручната служба, со сите административни службеници, обединување на работата на Стручната служба и поддршка на работата на претседателот и на ДИК“, се наведува во соопштението од ДЗР.
Исто така, констатирано е дека ДИК не поседува и не располага со сопствен магацински простор, за чување на набавена техничка опрема (4000 уреди за биометриска идентификација на гласачите) кои времено се сместени во Домот на Армијата во Скопје, простор кој не е доволен, соодветен и адекватен и не обезбедува сигурност и заштита за сместување на набавените уреди и опрема.
По извршената ревизија увидено е дека не е пополнето работно место самостоен референт економ магационер, кој треба да раководи со магацинот на ДИК, да го чува изборниот материјал, да го одржува инвентарот на опремата и потрошниот материјал, што создава ризик од несоодветно ракување, одложување и чување на залихите на изборните материјали, што може да доведе до нивно трајно оштетување и неможност од нивно користење во наредните изборни процеси.
Исто така, како што посочуваат од ДЗР, утврдени се и одредени неусогласености и пропусти во спроведувањето на постапката за јавна набавка на услуга – изработка и печатење на доверлив изборен материјал и избирачки список за изборите за членови на советите на општините и советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, кои се однесуваат на набавка на стоки и услуги заради потребите на спроведувањето на локалните избори 2021 година, кои доведуваат до можно влијание врз конкуренцијата помеѓу економските оператори и цената која може да се постигне.
„Склучен е договор за јавна набавка на услуга – изработка и печатење на доверлив изборен материјал и избирачки список за изборите за членови на советите на општините и советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, во вкупен износ од 53 милиони денари. Предметот на тендерската документација е неделив, составен од повеќе ставки, при што дел од ставките се наведени како доверливи, а истите согласно Упатството за утврдување на видови на изборен материјал донесен од ДИК, се сметаат за недоверлив изборен материјал“, се наведува во соопштението.
Од ДЗР посочуваат дека договорниот орган во образецот на понудата ги нема наведено барањата за утврдување на поединечна цена за секоја ставка одделно по барана количина, односно економскиот оператор ја нуди вкупната цена за целата набавка, што не е во согласност со член 81 став 1 од Законот за јавните набавки.
„Вредноста на услугата е искажана како вкупна вредност на договорот, односно во фактурата и спецификацијата за услугата не се искажани поединечни цени за количината по секоја ставка одделно, што не е во согласност со член 82 став 1 од Законот за јавните набавки и во текот на изборите, склучен е Анекс кон договорот за набавка на дополнителна количина на препечатување на гласачки ливчиња за членови на совет на Општина Бутел поради направен превид во симбол на политичка партија, и гласачки паравани во вкупен износ од 1 милион денари со дадени единечни цени, кои претходно со основниот договор истите не биле наведени воопшто“, велат од ДЗР.
Со измените и дополнувањата на Изборниот Законик во февруари 2020 година предвидено е гласање со примена на техничка опрема за идентификација на гласачите. Постапката за јавна набавка на Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите со вкупна вредност од 679 милиони денари без ДДВ, била проследена со жалби и тужби кои се однесуваат на тендерската документација и техничката спецификација кои биле одбиени поради неоснованост од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки и Управниот суд.
Со ревизијата констатирани се состојби кои создаваат ризик предвидените уреди за биометриска идентификација на гласачите во ДИК да не се испорачани согласно тендерската и техничката документација.
„Од поднесени четири понуди од економски оператори, само еден целосно ги исполнувал условите од тендерската и техничката документација, а со изборот на истиот како најповолен понудувач не се согласувале двајца членови на Комисијата за спроведување на јавната набавка. Записникот за квалитативен и квантитативен прием на 200 комплети на биометриски уреди и записникот за тест за прифаќање на системот за биометриска идентификација на гласачи, во кој е наведено дека присуствувале десет лица од ДИК и девет од носителот на набавката, но истите не се потпишани и записникот за динамиката на прием на биометриските уреди, се потпишани само од претседателот на ДИК, а не и од овластеното лице за вршење на квалитативен и квантитативен прием“, се посочува во извештајот.
Во соопштението од ДЗР се наведува дека се доставени известувања од пет лица наведени како присутни во Записникот за тест на прифаќање до претседателот и членовите на ДИК, во кои истакнуваат дека на состанокот на кој биле усно поканети, само била прикажана power point презентација во која сумарно биле презентирани активностите извршени до тој момент и дека не е констатирано функционирање и ставање во функција на системот и истото не претставувало тест за прифаќање на системот како и дека не е извршен квалитативен технички прием на системот.
„Изработен е Извештај за спроведените активности за презентација и користење на УБИГ пред спроведувањето на Локалните избори 2021 година, но од двајца членови на координативното тело за ИКТ и безбедносни прашања во ДИК, доставено е известување со препорака да се направи квалитативен технички прием на уредите со кој ќе потврди исполнување на уредите и системот како целина со минималните технички барања во набавката“, велат од ДЗР.
Во прилог на Записникот за извршен квантитативен и квалитативен прием, како што истакнуваат од ДЗР, нема дополнителна документација со која би се потврдил квалитативниот прием на интегрираниот систем за биометриска идентификација на гласачите во целина, што не е во согласност со точка 7.8 Квалитативен и квантитативен прием од тендерската документација во која е наведено дека во текот на примопредавањето се утврдува квалитетот и квантитетот на извршените стоки и не е во согласност со член 23 од склучениот договор во кој е предвидено дека квалитативниот и квантитативниот прием се утврдува од овластени лица на договорните страни во текот на примопредавањето на стоките.
Од ДЗР потсетуваат дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик од 16.09.2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 215/22) се изврши измена на член 76-д став 5 со која се утврди висината на вкупните средствата кои ќе се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија за платеното политичко рекламирање и нивната распределба по одделните учесници во изборната кампања.
Во однос на критериумите кои ќе се применуваат при распределба на овие средства по одделните учесници во изборната кампања, со ревизијата утврдена е распределба на вкупните средства по претходен писмен договор.
„Најмногу 45 отсто од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови; најмногу 45 осто од средствата може да искористат двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови; најмногу 7 отсто од средствата може да искористат политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и најмногу 3 отсто од средствата може да искористат политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати“, се наведува во соопштението од ДЗР.
Со извршената анализа на примената на горенаведените одредби, ревизијата констатира дека распределбата на вкупните средства во износ од околу 323 милиони денари исплатени за платено политичко рекламирање според принципот 45 отсто, 45 отсто, 7 отсто и 3 отсто, не обезбедува објективни и разумни критериуми за распределба на јавните средства, давајќи значителна предност на најголемите парламентарни партии, притоа ограничувајќи ги можностите на останатите партии и независните кандидати да ги претстават своите програми на радиодифузерите, електронските и печатените медиуми и со пропишаниот начин на утврдување на дополнително 1 (едно) евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач на територијата на општината каде се одржува втор круг на гласање за локалните избори, отсуствува утврдување на јасни критериуми дали дополнителни средства за втор круг од локалните избори ќе се обезбедат од вкупно запишани избирачи на територијата на општините во кои се одржува втор круг на гласање, независно од тоа дали учесниците во изборниот процес настапуваат со свои кандидати во општините каде се одржува втор круг на гласање.
Во делот на Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет истакната е состојбата која се однесува на тоа дека и покрај тоа што двајца учесници во изборната кампања кај носител на платен промет немаат отворено трансакциска сметка со назнака „за изборна кампања“, надлежната изборна комисија има донесено решенија со кои се потврдуваат листите на кандидат за избор на градоначалник, односно избор на членови на советот и овозможува истиот да учествува во изборниот процес.
Во делот на останати прашања, ревизијата смета дека е потребно да укаже на потребата од доуредување на член 76-д од Изборниот законик со пропишување на мерливи критериуми во делот на обезбедување и распределба на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија наменети за платено политичко рекламирање; како и пропишување на одредби со кои ќе се уреди дали може коалиција или политичка партија да поддржи независен кандидат – група избирачи и да ги користи доделените средства за платено политичко рекламирање за независниот кандидат – група избирачи, доколку може во кои услови и на кој начин и дали при таквата поддршка истиот има право да ги користи и средствата што му следуваат како независен кандидат.
„Определување надлежен орган за следење и известување за изборното медиумско претставување на електронските медиуми (интернет портали); да се дополнат член 76-д став 11 од Изборниот закони и да се предвиди воспоставување на интероперабилен систем за размена и контрола на податоци за активност на банерите во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни; да се доуредат условите и критериумите кои е потребно да ги исполнат електронските медиуми за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во ДИК; да се пропишат јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските средства наменети за платено политичко рекламирање на електронските медиуми (интернет портали) и потреба од законско решение за користење на финансиските средства од разделот МФ – Функции на државата како финансиски план (право на трошење) со кој се овозможува одобрување и исплаќање на средства за намени кои можат да бидат планирани во фазата на изготвување на Буџетот на Република Северна Македонија, односно во рамки на буџетот на ДИК за исполнување на законските обврски поврзани со изборните процеси“, се наведува во соопштението од ДЗР.
фото: МИА